Герасимовски: Бесплатни здравствени консултации во Центар

Сподели:

Во пресрет на Светскиот ден на здравјето, Општина Центар на 6 април (понеделник) организира бесплатни здравствени консултации за граѓаните, кои ќе се одржат во Општинскиот младински центар „Матично“, во период од 09 до 15 часот.
  
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика граѓаните да ја искористат можноста за бесплатни здравствени проверки и советувања со лекари.
 
„Ги поканувам граѓаните да дојдат во Општинскиот младински центар „МАТИЧНО“ и да се консултираат со тим специјалисти за своето здравје, да направат превентивни мерења на притисокот и шеќерот во крвта, и да добијат бесплатни совети. Оваа акција ја спроведуваме со цел да ја поттикнеме свеста за грижата за сопственото здравје и превентивните контроли. Здравото население е најголемото богатство на една држава“,  порача Герасимовски.
 
Граѓаните во понеделник ќе имаат можност за својата здравствена состојба  да  поразговараат со тим составен од гинеколог, ортопед, дерматовенеролог и инфектолог. Во рамки на акцијата на Општина Центар, студенти по медицина ќе вршат мерење на крвен притисок и гликоза во крвта.
  
Во стручниот тим ќе бидат вклучени и советниците во Советот на Општина Центар, Снежана Георгиева Јаневска – гинеколог и Александар Савески – ортопед трауматолог.
 
Активноста се реализира во соработка со ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
 
Општина Центар продолжува со иницијативи насочени кон подобрување на квалитетот на живот и поттикнување на здравите животни навики кај граѓаните.

Сподели: