Герасимовски: Пензионерите со пензија до 17.518 денари да аплицираат за финансиска поддршка

Сподели

 

Градоначалникот на Општина Центар во вчерашното гостување во ТВ 21 во емисијата „10 минути“  ги повика пензионерите кои живеат на територија на општината да аплицираат на јавниот повик кој е во тек и преку кој општината доделува финансиски средства.

Станува збор за доделување на финансиска помош од 3.300.000 денари кои како мерка беа донесени на последната седница на Совет.

„Помошта е наменета за пензионерите кои примаат пензија до 17.518 денари и верувам дека во овој период на постапувања на прехранбените производи и сметките за електрична енергија овие средства ќе им помогнат на пензионерите да покријат дел од трошоците. Ние како општина и овој пат најдовме начин како да им излеземе во пресрет на нашите највозрасни сограѓани во услови на поскапувања предизвикани од економската криза “, изјави Герасимовски.

Герасимовски во Тв 21 зборуваше и за другите социјални проекти кои ги спроведува општината. За околу 90 пензионери во рамки на проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ Општина Центар обезбедува нега во домашни услови од физиотерапевти, негуватели, психолози и социолози, а во најава е и проектот „Сервис за одмена на семејна грижа“ кој како што рече Герасимовски ќе ги опфати лицата над 60 години вклучувајќи ги и оние со Алцхајмерова болест и деменција.

„Овој проект е во завршна фаза и се очекува наскоро да започне. Планираме околу 40 корисници да добиваат медицинска нега дома или во Центарот од стручни кадри обучени преку Министерството за труд и социјална политика“, изјави Герасимовски.

Општина Центар има и хуманитарни акции преку кои на месечно ниво доделува социјални пакети на социјално загрозени и згрижувачки семејства како и на децата од малите групни домови. Од минатиот ноември досега општината додели околу 2.200 пакети со храна и прехранбени производи. Општина Центар исто така во рамки на проектот „Од дете за дете“ доделува пакети со храна и хигиенски производи на згрижувачки семејства и мали групни домови на територија на Општина Центар. Станува збор за проект во кој учениците доделуваат пакети за учениците од семејства во ризик или децата од малите групни домови.

Во континуитет општината доделува и парична помош од 7.000 денари за секое новороденче во општината. За една година по стапувањето на градоначалничката функција Герасимовски додели околу 2.652.000 денари за 341 решение на млади родители со новороденче и пакет производи и педијатриски услуги од општествено одговорни компании.

Градоначалникот Герасимовски исто така изјави дека секоја година во програма се планираат средства за семејства во социјален ризик. Измината година општината по овој основ има доделено 3 милиони денари за семејства од социјален ризик или оние кои имаат реална потреба за купување на лекови или операции. Герасимовски исто така рече дека заштедените средства од службени патувања и репрезентации кои во целост се заштедени, а се во висина од 700.000 денари се префрлени за потребите на семејства од социјален ризик.