Вести Македонија

Голем пожар во Скопје, изгореа бараките на поранешниот Завод за урбанизам

Сподели:
Огнена стихија пеплоса до темел три бараки во Карпош. 40 пожарникари се бореа со пламените јазици. На 15. противпожарни возила беа придружени и дополнителните возила на „Водовод и канализација“ и на „Комуналната хигиена“, јавува 24Вести.
Ексклузивните снимки од дрон што ги обезбеди Телевизија 24 покажуваат дека бараките се срамнети со земја. Повредени нема, информираше командирот на противпожарната бригата Ѕвонко Томевски. Засега, вели, причините се не познати.
„Во делот, каде што е спречено ширењето на пожарот, станува збор за Институт за соиолошко и политички истражувања, така што, таму материјалната штета е многу мала. Спречено е ширењето во тој дел, а се гледа дека има опрема и канцелариски материјали“, изјави Ѕвонко Томевски, командир на противпожарна бригада Скопје.
Во поажарот изгореа и две училници од Институтот за социолошки и политички истражувања, вели директорката Мирјана Борота Поповска за 24. Тврди, причинета е голема материјална штета, но се надева дека не е опфатена архивата и библиотеката.
„Потстаницата нѝ е изгорена, направена е голема штета со водата. Од опремата беа опфатени лаптопите, прожекторите“, изјави Мирјана Борота Поповска, директорка на Институт за социолошки и политички истражувања.
Со соопштение се јави и Општина Карпош.
„Симптоматично е што пожарот многу брзо се ширеше и затоа Општина Карпош бара од Министерството за внатрешни работи – Службата за противпожарна заштита да направи темелна истрага за причините за пожарот“, се наведува во соопштението што го испратија од општината, на чија територија се бараките кои беа пеплосани во денешниот пожар.
Од опшштината изразија и жалење што во огнената стихија се изгорени вредни урбанистички планови.
„Со ова заминува дел од историјата на Град Скопје, макети од значајни објекти, проекти и урбанистички планови“, се наведува во соопштението.
За време на интервенцијата, беше блокиран дел од булеварот „Партизански одреди“ и булеварот „8. септември“. И по извесно време откако беа изгаснати пламените јазици од изгорениот комплекс се креваа димни облаци, како што покажуваат овие снимки.
Сподели: