Град Скопје ја презентира ревидираната студија за валоризација на Водно

Сподели

 

Во присуство на претставници на стручната и научната јавност, на невладините организации, медиумите и заинтересираните граѓани денеска во салата на Советот на Град Скопје се одржа втората презентација на ревидираната „Студија за валоризација на заштитеното подрачје парк – шума Водно“.

 

 

–  Годинава по вторпат се среќаваме на јавна расправа на истата тема која за мене лично, а верувам и за мнозинството наши сограѓани е од витално значење за заштитата и унапредувањето на животната средина. Кон крајот на август годинава ја одржавме првата јавна расправа за новата Студија за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума „Водно“, во чии рамки имавме можност да слушнеме многубројни забелешки кои главно се однесуваа на начинот и обемот на заштитата. При изработката на студијата главниот акцент е ставен на идентификацијата и валоризацијата на важните екосистеми и живеалишта, како и на поедините видови растенија, габи и животни и нивната застапеност на меѓународните листи за заштита на биодиверзитетот. По првата јавна расправа оставивме простор претставниците на еколошките здруженија и претставниците на стручната јавност во рок од 30 дена да достават дополнителни коментари и забелешки на студијата, со цел да постигнеме оптимално ниво на квалитет на студијата која ќе овозможи ефикасна и сеопфатна заштита на природните богатства на Водно. Досега добивме исклучително вредни и квалитетни забелешки од Шумарскиот факултет, „Еко Свест“, „Го сакам Водно“ и советничката Драгана Велковска, кои внимателно беа разгледани од експертскиот тим кој работи на оваа студија. Дел од овие предлози и забелешки се веќе дел од новата верзија на студијата за која дискутираме денеска, а на преостанатите забелешки им беа подготвени одговори со аргументирани образложенија кои се однесуваат на нивната применливост – рече на денешната расправа градоначалникот Шилегов. Тој додаде дека самиот факт што вторпат се разговара за истата студија и се разменуваат мислења и аргументи со стручната јавност и со граѓаните го прави процесот на изработка на студијата инклузивен и транспарентен.

“Во моментов е важно да се нагласи дека со оваа Студија ќе се создадат услови Водно да добие заштита од 5-та категорија што е соодветно за природните специфики на заштитеното подрачје.Шилегов пред присутните објасни зошто е најсоодветна 5-тата категорија на заштита, имајќи предвид дека шумата на Водно е антропогена (создадена од човечка рака), речиси без ретки растителни и животински видови.

 

 

-“Кај 5-тата категорија на заштита шумата може да се заштити со одлука на Владата што ќе овозможи да се избегнат непотребните одлагања на процесот предизвикани од политичкиот контекст во кој живееме. Со други зборови, ќе може да се донесе одлуката од Владата пред формирањето на техничката влада, а особено пред распуштањето на Собранието заради претстојните предвремени избори. Студијата за која разговараме денеска се вика Студија за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума „Водно“. Студијата е речиси готова и денеска разговараме за можните корекции во нејзината содржина. Паралелно со ова, неодамна беше распишан јавен оглас на кој беше избран експертски тим кој треба да изработи Студија за туристичко-рекреативен центар Водно. Вторава студија во никој случај нема да се коси со студијата за која разговараме денеска, туку напротив, ќе биде одлична рамка која преку прецизно утврдување на опфатот и начинот на заштита на шумата, ќе даде насока во кој правец втората студија смее да се движи. Втората студија има за цел да покаже дали има услови и доколку има, кои се најсоодветните локации за различните содржини со кои може да се збогати просторот за рекреација на посетителите, без притоа да се наруши животната средина на растителните и животинските видови кои живеат во шумата. На пример, втората студија ќе покаже дали има или нема услови за изработка на адреналинска патека или зиплајн. Доколку има услови на која локација може да се изведе? Доколку нема услови ќе имаме и стручно образложение зошто нема услови за тоа. Притоа, доколку студијата покаже дека има услови за изградба на некаква рекреативна содржина тоа не значи и дека веднаш ќе биде изградена” – рече Шилегов.

Тој најави дека и за оваа студија ќе има јавна расправа, а јавноста ќе може да цени што е или што не е во интерес на граѓаните. Значењето на Водно од аспект на биодиверзитетот е големо, а напорите на Град Скопје се насочени кон зачувување на природата и заштитата од пожари.