Граѓанското општество бара директно учество во преговорите за излез од кризата

Сподели

sharena1

Во прилог е целосното обраќање до Делeгација на ЕУ во Македонија, Амбасадата на САД, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, од страна на 87 граѓански организации:

НЕОПХОДНО Е ДИРЕКТНО УЧЕСТВО НА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО ВО ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ИЗЛЕЗ ОД КРИЗАТА И ЗА ДЕМОКРАТИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Почитувани,

Граѓанското општество е збир на индивидуи, групи, организации, заедници и движења со јасно артикулирани политички ставови, што не се монолитни, кои дејствуваат за  подобрување и демократизација на општеството и за застапување на интересите на граѓаните.

Поаѓајќи од уставно загарантираната можност за непосредно изјаснување на граѓаните (член 2 од Уставот на РМ) и од уставната слобода за здружување (член 20 од Уставот на РМ) заради остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, убедени сме дека сега е вистинскиот момент што е можно повеќе граѓани да ги исползуваат овие демократски можности, со цел да се вклучат во решавањето на политичката криза и со тоа, да им помогнат на општеството и на државата.

Имајќи ги предвид ваквите заложби и определби на граѓанското општество, нашите организации, групи, коалиции и движења стојат на располагање со сите свои капацитети и се подготвени да се вклучат во решавањето на кризата преку давање соодветни експертски анализи и предлози, како и друг вид советодавна помош и преку воспоставување директна врска со граѓаните и застапување на нивните права, интереси, потреби и барања.

Веќе 18 месеци трае интензивната фаза од политичката криза во Македонија, а исто толку траат и напорите на меѓународната заедница и на најголемите политички партии за нејзино решавање. Досегашните преговарачки напори дадоа само делумен резултат, недоволен за целосна доверба на граѓаните во зацртувањето јасен план за демократски излез од длабоката политичка криза. Граѓаните беа незадоволни од нетранспарентноста на преговорите и од неможноста да се вклучат и да помогнат во процесот.

Наша цел е овој преговарачки процес да обезбеди услови за фер и кредибилни избори во кои граѓаните ќе имаат доверба и ќе бидат поттикнати да учествуваат и слободно да ја изразат својата политичка волја. Веруваме дека е можно, во рамките на овој процес, да се обезбеди континуирано информирање на граѓаните за начинот и содржината на разговорите и преговорите. Веруваме дека текот и исходот од преговорите треба да бидат јасно и недвосмислено претставени и објаснети пред граѓаните, а со тоа, ќе се гарантира дека нема да се повторат досегашните негативни искуства.

Поради ова, сметаме дека граѓанското учество во решавањето на кризата е од суштинско значење, и тоа, поради повеќе силни причини:

  1. Ќе се обезбеди набљудување на преговарачкиот процес од позиција на граѓанскиот сектор, водејќи се притоа според начелата на работа на граѓанските организации: независност, транспарентност и јавност, непрофитност, непартиско дејствување и иницијативност во јавниот живот.
  1. Ќе се гарантира навремено, целосно и веродостојно презентирање на информациите од преговарачкиот процес пред граѓаните на Република Македонија, а во интерес на зголемување на транспарентноста и довербата на граѓаните во самиот процес.
  1. Ќе се овозможи ставовите на различните заинтересирани граѓански сектори и заедници да бидат претставени и чуени од страните во преговорите.
  1. Ќе се стави на располагање експертизата на сите заинтересирани организации, граѓански коалиции и независни експерти и на тој начин, ќе се понудат решенија кои партиите инаку не би ги имале предвид. Потенцијалните експертизи и стручни мислења можат реално да помогнат полесно да се дојде до договор, а исходот да биде поквалитетен и во корист на правата и интересите на граѓаните.

Овој модел подразбира присуство на различни претставници на граѓанскиот сектор за време на сите разговори и преговори кои го сочинуваат процесот. Во улога на директни набљудувачи и консултанти, ќе учествуваат најподготвените и најстручните за темите кои ќе бидат предмет на разговори и преговори.

Исто така, овој модел го дефинира мандатот на граѓанските претставници како проценители на сегашните состојби во клучните области, како предлагачи на стручни решенија и како набљудувачи кои ќе вршат мониторинг на спроведувањето на решенијата договорени во текот на преговорите.

Креираниот модел на учество во разговорите и преговорите ќе овозможи граѓанските претставници да се водат според однапред договорени принципи на учество и начин на известување, рамка која ќе обезбеди доверба кај граѓаните и учество во решавањето на политичката криза.

Граѓанската вклученост не треба да подразбира дека претставниците на граѓанското општество имаат претставнички мандат, ниту дека тие претставуваат гласачко граѓанско тело. Следствено, претставниците на граѓанскиот сектор нема да имаат улога, надлежност и мандат да одлучуваат во рамки на преговорите. Тој мандат го имаат партиите кои преку делегирани пратеници во Собранието, треба да ги преточат договорените услови во практични законски решенија коишто потоа, владините институции и независните тела треба да ги спроведат.

Протестното движење е ресурс и платформа која стои на располагање да го модерира процесот на комуникација во рамките на граѓанскиот сектор, со цел да се овозможи размена на информации меѓу организаторите на преговорите и страните заинтересирани за учество, како и да обезбеди диверзитет и инклузивност. Протестното движење стои на располагање да се стави во функција на комуникациски канал преку кој сите заинтересирани страни ќе може да ги пренесат своите експертизи во роковите и процедурите кои ќе ги наложат организаторот и процесот.

Поради суштинската и итна потреба од демократизација на нашето општество, бараме да се уважи потребата од граѓанско учество во решавањето на кризата. Бараме претставниците на меѓународната заедница и претставниците на политичките партии вклучени во преговорите веднаш да донесат одлука за директно учество на претставници на граѓанскиот сектор во тековните политички разговори и преговори.

Со почит,

  1. Граѓан(к)и кои протестираат со Шарена револуција / Протестирам
  2. Eco Guerilla, Tetovo
  3. Tribunus Civilis – Симболички суд на правдата на цивилното општество
  4. АДОЛУС – СР Струмица
  5. Банка за храна Македонија
  6. Бистра – Ростуше
  7. Вратете насмевка – Велес
  8. Глобал – Битола
  9. Граѓанска иницијатива „АРСЕНА“ – Гевгелија
  10. Граѓанска иницијатива ГО САКАМ ГТЦ
  11. Граѓанска иницијатива НИЕ СМЕ КАРПОШ 4
  12. Евро визија – Струмица
  13. Есперанца – Светски културен центар
  14. ЕХО Едукативно-хуманитарна организација
  15. Женска акција
  16. Женски форум – Тетово
  17. За нас се работи – Битола
  18. Здружение Агро Баница – Струмица
  19. Здружение Агросојуз – Василево
  20. Здружение Агро-Струмешница – с.Дабиле, Струмица
  21. Здружение за ДЕМОКРАТИЈА, ДЕБАТА, ДИЈАЛОГ, ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА – ПЛАН 4Д
  22. Здружение за економско-политички истражувања и анализи КВАНТУМ ПРИМА – Кавадарци
  23. Здружение за заштита на културниот идентитет на Египќаните ИЗИДА 41/21 – Ресен
  24. Здружение за локален развој Акција Плус – Ресен
  25. Здружение за помош на социјално исклучени лица и ризични групи “Скорпион“ – Прилеп
  26. Здружение за промоција на женската активност Тиииит! Инк.
  27. Здружение за развој и активизам „Аква“ – Струга
  28. Здружение за развој на култура и заштита на културно наследство КОНТЕКСТ – Струмица
  29. Здружението за литература, култура и уметност “ГАЛИКУЛ”
  30. Здружение на балканските Египќани во Македонија
  31. Здружение на граѓани на текстилните и кожарските работници ТИВКОТО МНОЗИНСТВО – Штип
  32. Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ
  33. Здружението за млади, човекови права и демократија УФУК
  34. Иницијативен глас – Прилеп
  35. Институт за човекови права (ИЧП)
  36. Интернет хотлајн провајдер – Македонија
  37. ЈАДРО – асоцијација на независната културна сцена
  38. Јустиција
  39. Коалиција за одржлив развој – КОР
  40. Коалиција СЕКСУАЛНИ И ЗДРАВСТВЕНИ ПРАВА НА МАРГИНАЛИЗИРАНИТЕ ЗАЕДНИЦИ
  41. Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики
  42. Културен центар Медиа Артес
  43. КХАМ – Делчево
  44. Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата
  45. Македонска платформа против сиромаштија
  46. Македонски центар за европско образование (МЦЕО)
  47. Млади Европски Федералисти – Македонија (ЏЕФ Македонија)
  48. Младинска алијанса – Тетово
  49. Младински културен центар – Битола
  50. Младински образовен форум (МОФ)
  51. Национален совет за родова рамноправност – СОЖМ
  52. НВО Инфоцентар
  53. Независен академски сидикат (НАкС)
  54. НОВУС – Струмица
  55. Организација на жени – Струмица
  56. ПАТОКАЗИ – Гевгелија
  57. Платформа за граѓанска политика “Ајде!”
  58. Плоштад Слобода
  59. Прогрес Институт за социјална демократија
  60. Проект-ЕУ – Кавадарци
  61. ПРОФИЦИО – Мултиетничка толеранција преку економски просперитет
  62. Радика ДЕ – Дебар
  63. Регионален центар за одржлив развој – Кратово
  64. Ромски едукативен центар АМБРЕЛА
  65. Рурална коалиција – Куманово
  66. Синдикат на македонската дипломатска служба
  67. Сојуз на борци од НОАВМ 1941-1945
  68. Сојуз на синдикат на земјоделски производители – Струмица
  69. СЦЕНА Здружение за култура и уметност
  70. Транспарентност Македонија
  71. Турско здружение YENI YILDIZ TÜRK DERNEĞI
  72. Фондација Отворено општество – Македонија
  73. Форум – центар за стратегиски истражувања и документација
  74. Форум за истражување на безбедносни политики СЕКУРИТАС – Битола
  75. ФРУ – Факултет за работи што не се учат / АКТО
  76. Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
  77. ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување
  78. Центар за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ – Скопје
  79. Центар за истражување и развој на општеството ВИЗИО – Кичево
  80. Центар за меѓуетничка толеранција и бегалци
  81. Центар за образование и развој ЦЕД – Теарце
  82. Центар за одржлив развој на заедницата – Дебар
  83. Центар за развој на медиуми
  84. Центар за современи уметности
  85. Центар за стратегии и развој ПАКТИС – Прилеп
  86. ЦИВИЛ – Центар за слобода
  87. Vox Academica

Slobodna Makedonija-Слободна Македонија

http://slobodna.mk