Груевски му ја честиташе победата на Доналд Трамп

Сподели

nikola-gruevski-860x640-860x640-860x640

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски му ја честиташе победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

„Вам и на народот на САД ви ја честитам победата на претседателските избори. Принципот на почитување на волјата на народот е врв на демократијата, тоа e победа на правото на слободната волја на сите граѓани.

Вашето претседателствување повлекува огромна чест и одговорност да се биде предводник во битката за градење на подобар свет, за возобновување и подобрување на општеството. Во таа насока ви посакувам многу среќа и успех.

Во овој свечен момент сакам да го истакнам задоволството од развојот на односите и соработката меѓу Република Македонија и САД и воедно да ја искажам нашата подготвеност за нивно натамошно унапредување и интензивирање во сите области од заеднички интерес.
Членството во НАТО преставува наш приоритет и темелна заложба при што особено ни е значајна поддршката од САД како наш стратешки пријател.

Уверен сум дека пријателството и разбирањето во односите меѓу нашите две земји ќе продолжи да се негува и дополнително развива“, се наведува во честитката на Груевски до Трамп.