Груевски се пожалил на Хан: Власта не нè вклучува во реформските процеси

Сподели

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на вчерашната средба му посочил на еврокомесарот за проширување и за соседска политика Јоханес Хан, дека опозицијата не е вклучена во реформските процеси и дека освен барањето јавна поддршка, нема суштинско вклучување во процесот на изработување на реформите.

Груевски, се вели во партиското соопштение, истакнал дека има политички притисок врз судството, кој создава страв кај судиите и судските власти.

„Тој го информираше комесарот Хан за повеќе случаи за нарушување на судските правила и постапки, како и за барањето на СЈО за употреба на незаконски стекнати материјали во судските процеси, што укажува на недостиг од постоење на фактички докази и на прибегнување кон незаконски методи. Членот 12 од Законот за кривична постапка јасно и недвосмислено пишува дека нелегално стекнати аудио и видеоматеријали не можат да бидат доказ во судска постапка ниту, пак, од нив да се изведуваат докази“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски му посочил на Хан дека на локалните избори имало бројни неправилности, случаи на поткуп, бугарски воз, притисоци, уцени и закани, како и политички мотивирани кривични пријави врз градоначалници без правна основа.

Груевски, заедно со членовите на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и Александар Николоски, вчера се сретна со Хан.