Групацијата Шпаркасе и официјално стана сопственик на Охридска банка

Сподели

 

Групацијата Шпаркасе (Штаермеркише банка и Шпаркасен АГ) официјално стана нов сопственик на Охридска банка, со тоа што купи 91,57 проценти од акциите за 48 милиони евра. На овој начин Штаерммеркише Шпаркасе стана четврта најголема банкарска групација во Македонија со пазарно учество од околу 14 проценти.

Членот на УО на Штаерммеркише Шпаркасе Георг Бухер изјави дека верува во иднината на државите на Западен Балкан и затоа барале нови банки за да инвестираат во нив. Иако преговорите за купување на банката траеле подолг временски период, тој рече дека не би донеле поинаква одлука и да го знаеле фактот дека државата нема да добие датум за преговори со ЕУ.

„Тука сме за да останеме и да продолжиме да инвестираме знаење и искуство во регионот. Целта ни е да се поставиме со 10 проценти пазарно учество на пазарите во Словенија, Хрватска, Црна Гора, Македонија. Со купувањето на една од водечките меѓународно активни банки ќе станеме уште посилен партнер на економијата. Ќе располагаме со значителен поголем потенцијал и ресурси со кои ќе ги опслужуваме нашите клиенти и сите бизниси. Со здружена експертиза и заеднички пристап ќе бидеме силен партнер на интернационалните компании, на компаниите од ЕУ и активните инвеститори во државата,“ изјави Бухер.

Главниот извршен директор и претседател на УО на Шпаркасе банка Македонија Глигор Бишев изјави дека интегрираната банка ќе биде водечки финансиски супермаркет во регионот.

„Со нудење на извонредни банкарски услуги, како и услуги во областа на животното осигурување, лизингот и инвестиционото банкарство ќе придонесува исклучително задоволство кај клиентите. Банката ќе биде препознатлива по нашиот хуман однос, одговорно однесување, инклузија на клинетите како и професионални совети и вмрежување на клиентите во земјата и странство“, изјави Бишев.

Според првите луѓе на групацијата засега нема да има отпуштање на вработени кои во двете банки се 700.

Охридска банка и Шпаркасе банка сега ќе опслужуваат повеќе од 132.000 клиенти во земјата.Штаермеркише Шпаркасе во државата е присутна од 2008 година преку Шпаркасе банка која во моментов има актива од 350 милиони евра. Со спојувањето на двете банки вкупната актива на банката на македонскиот пазар ќе биде повеќе од една милијарда евра.

meta.mk