Иџет Мемети: Утврдување на кривична одговорност за четворица полицајци

Сподели

idzet-memeti-naroden-pravobranitel-04-670x388-620x330

Народниот правобранител Иџет Мемети до Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поднел предлог за утврдување кривична одговорност против четворица полицајци и против други непознати службени лица од МВР за мачење и друго сурово, нечовечко и понижувачко постапување и казнување врз повредените Горјан Атанасов, Горан Наумовски, Бахри Реџепи и Димитрија Анѓелковски, дел учесници, а дел репортери од протестите на Шарената револуција во Скопје.

Во предлогот на Омбудсманот се наведени и други полесно повредени од полицијата учесници во протестите на 13 април годинава, ден по амнестирањето на 56-темина високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ и нивни помошници, од претседателот Ѓорге Иванов.

Пријавените полицајци, се вели во предлогот, тој ден биле распоредени на потегот од Собранието до улица Димитрие Чуповски, каде што се наоѓа канцеларијата на Иванов. Требало да го обезбедуваат непријавениот протест на група граѓани.

“Од страна на посочените припадници на МВР, неселективно, кон одредени демонстранти биле употребени средства за присилба: тонфа, удирање со полициска палка и штитник и врзување на рацете со лисици. Како последица на нивното дејствување, кај приведените лица во полициските станици Центар и Кисела Вода биле констатирани следните повреди: Горјан Атанасов имал повреда на долната вилица, Крсте Ѓонески имал црвенило на лактите и колената, Вангел Милески црвенило на десната надлактица и на левата натколеница, Никола Аризанов имал црвенило на левата подлактица, а Сашо Рафајловски повреда на зглобот од левото стапало“, објаснува правобранителот.