Постојат празници кои не се мерат само со датумот во календарот. Празници што живеат во сеќавањата, во јазикот, во песната, во молитвата и во традицијата што се пренесува од генерација на генерација.
За Македонците, Илинден е токму таков празник.

Повеќе од еден век тој ги обединува двата најзначајни историски моменти во современата македонска историја – Илинденското востание од 2 август 1903 година, како симбол на вековниот стремеж кон слобода, и Првото заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година, кога беа поставени темелите на современата македонска држава. Иако разделени со четири децении, овие два настана остануваат неразделно поврзани во колективната меморија на македонскиот народ.

Далеку од татковината, токму Илинден е еден од празниците што најсилно ги обединува Македонците во дијаспората. Тоа уште еднаш го потврди и свеченото одбележување на Илинден во Мелбурн, организирано од Macedonian Australian Community Organisation (MACO), кое се одржа во свечената сала на Sheldon Receptions, каде што Македонците од Викторија заеднички го прославија еден од најзначајните празници од македонската историја.
Уште со влегувањето во салата се чувствуваше дека ова не е само свечена прослава, туку средба на историјата, културата и заедништвото. Македонските знамиња, традиционалните народни носии, ракотворбите и изложените книги од македонски автори создадоа атмосфера во која културното наследство не беше само потсетување на минатото, туку жива вредност што продолжува да се негува во сегашноста.
Свеченоста ја водеа Соња Дималовски и Кристијан Стојановски, а присутните со почит ја проследија програмата исполнета со пораки за значењето на Илинден, за зачувувањето на македонскиот идентитет и за важноста традицијата да продолжи да се пренесува на идните генерации.
Посебно значење имаше благословот и осветувањето на празничната погача што го изврши отец Гаврил – древен македонски обичај кој и денес останува неразделен дел од големите празници и семејните собири, симболизирајќи единство, благослов и почит кон предците.
Во своето обраќање, претседателката на MACO, Лидија Нешковски, ги поздрави присутните и ја истакна важноста Илинден да продолжи да биде празник што ги поврзува Македонците во Австралија. Во име на младите се обрати Ребека Калевска, претставувајќи ја Македонската младина на Викторија, организација која има значајна улога во зачувувањето на традицијата, јазикот и културното наследство преку новите генерации.
На свеченоста присуствуваа и се обратија бројни претставници од политичкиот и општествениот живот на Австралија, меѓу кои генералниот конзул на Република Македонија во Мелбурн Али Алиевски и заменик-конзулката Силвана Ивановска.

Свое присуство и поддршка дадоа и претставници на Владата на Викторија, државниот и федералниот парламент, како и локалната самоуправа. Меѓу нив беа министерката за мултикултурни прашања во Владата на Викторија Ингрид Стит (The Hon. Ingrid Stitt MP), министерката Натали Сулејман (The Hon. Natalie Suleyman MP), министерката за климатска акција, енергетика и ресурси Лили Д’Амбросио (The Hon. Lily D’Ambrosio MP), пратеничката Натали Хачинс (The Hon. Natalie Hutchins MP), пратеничката Касандра Фернандо (Cassandra Fernando MP), Бронвин Халфени, членка на Парламентот за изборната единица Томастоун (Bronwyn Halfpenny MP – Member for Thomastown), заменик-градоначалничката на Мелбурн Рошена Кембел (Roshena Campbell – Deputy Lord Mayor of Melbourne), Урош Расиќ, кандидат на Лабор за изборната единица Sydenham (Uroš Rasić – Labor candidate for Sydenham), како и Пол Линдеман, претставник на Либералната партија за Вилијамстаун (Paul Lindemann – Liberal representative for Williamstown).

Во своите обраќања, тие упатија честитки по повод Илинден и ја истакнаа важноста на македонската заедница како значаен дел од мултикултурното општество на Австралија, нејзиниот придонес во општеството и потребата културата, јазикот и традицијата да продолжат да се негуваат и пренесуваат на идните генерации.
Свои пораки за значењето на Илинден, зачувувањето на културното наследство и заедничката одговорност кон иднината упатија и претставници на македонските организации во Викторија.

Меѓу нив беа Стојан Јанакиевски, претседател на Македонската пензионерска федерација во Викторија; Дејан Змејковски, претседател на Македонските православни општини на Мелбурн и Викторија; Мартин Масалковски, претседател на Македонската православна младина на Австралија; Петар Поповски, претседател на „Светлост“; и Анета Славеска Рениерис, претседателка на „Наша Македонија“.
Особено место во прославата имаа младите. Членовите на Македонската православна младина на Австралија – МОЈА, но и многубројните млади присутни во салата, беа потсетник дека традицијата не останува само спомен од минатото, туку продолжува да живее преку новите генерации.
Културната програма ја збогатија настапите на фолклорната група Бенџо и танцовата група Jalwa.
Бенџо настапија во традиционални македонски народни носии, а нивниот настап уште еднаш покажа дека културата е мост што ги поврзува луѓето. Во групата членуваат и танцуваат припадници на различни националности, обединети преку љубовта кон фолклорот и традицијата.

Впечатлив беше и настапот на Jalwa. Во затемнетата сала, со игра и факли, тие создадоа посебна атмосфера која кај присутните побуди чувство како да патуваат низ времето, до традиционалните собири покрај огнот, каде песната и танцот биле симбол на заедништво.
Музичкиот дел од вечерта го збогатија Сања Ристевска, Тоше Тодоровски, Петар Дамчевски, Стефан и Клеопатра, кои со македонската песна ја исполнија салата со емоција и радост. Од песни од постарата македонска продукција до понови композиции, музиката, звукот на тапанот, гајдата и трубата ги обединија присутните во песна и оро.

Литературата, како и песната и традицијата, остануваат едни од најсилните мостови меѓу Македонија и нејзината дијаспора.
Изложените книги од македонски автори беа уште еден потсетник дека македонскиот пишан збор продолжува да живее и да се создава и далеку од татковината. Меѓу нив беа и делата на писателката Љубица Поповска, како и книгата „Летот на мојата гулабица“ од Светлана Јаневска.
Во текот на вечерта беа врачени и признанија за долгогодишен придонес кон заедницата.

Посебна почит му беше оддадена на отец Гаврил за повеќегодишната посветена работа со македонската младина, неговата духовна служба и несебичниот придонес кон македонската заедница и пошироко. Тој беше почестен со три признанија за својот придонес, едното врачено од The Hon. Ingrid Stitt MP за неговиот 20-годишен придонес во работата со македонската младина, другото од The Hon. Natalie Hutchins MP за неговата поширока работа и придонес кон заедницата, а третото во името на Македонската пензионерска федерација во Викторија.

Сертификати за благодарност за својот придонес кон македонската заедница добија и Лидија Нешковски и Симе Ацевски, врачени од The Hon. Natalie Hutchins MP.
Во време кога далечината често изгледа како пречка, македонската заедница во Австралија уште еднаш покажа дека традицијата, јазикот, верата и културата можат да бидат најсилната врска со татковината.
Илинден продолжува да живее, не само во историските книги, туку во луѓето што го носат во своите срца, го пренесуваат на новите генерации и ја продолжуваат приказната за македонскиот дух далеку од Македонија.
Од свеченото одбележување на Илинден во Мелбурн, подготви Светлана Јаневска.


