Инспекторите за животна средина спречија екоцид кој се случувал во Ѓорче Петров

Сподели

 

Пред два дена заедно со инспекторите за животна средина на Град Скопје спречивме уште еден екоцид кој се случувал на територија на општина Ѓорче Петров.
 
Имено, се работи за детектирана еколошка катастрофа која во општина Ѓорче Петров се случувала на парцела од 4.000 метри квадратни приватен имот и околу 5.000 метри квадратни имот на Република Македонија во непосредна близина на реката Лепенец на локација оддалечена неколку стотина метри од новата пречистителна станица која ја гради општина Ѓорче Петров а е финансирана од Европската Унија. 
 
 
 
Да биде трагедијата поголема, приватната дива депонија се наоѓа на парцела која е во сопственост на компанија која веќе е под истрага за други дела, како и на лице кое е вработено во општина Ѓорче Петров во секторот за финансии, а од неодамна е избран и за претседател на Синдикатот на вработените во општината. Лице, кое на социјалните мрежи често може да се забележи во друштво со градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски. 
 
Градот Скопје, ниту јас како градоначалник нема да дозволам било кој да продолжи свесно и за профит да ги труе скопјани. 
 
Случајот заедно со инспекторите за животна средина на Град Скопје го детектиравме, а по неколкудневно следење на активностите на приватната дива депонија, завчера на 16.01 и во тек на вршење на екоцидот ги фативме на лице место и спречени се во вршење на нелегалните активности, извршен е увид на парцелата, прибирани се докази за сторениот екоцид, фотографирана е состојбата (која можете да ја видите од сликите на оваа прес-конференција, а истите фотографии ќе ги доставиме и до вас), а прибрани се и други докази. Дополнително, случајот е пријавен во МВР, а на лице место излегоа и полициски службеници. 
 
Од прибраните докази констатирано е дека приватната дива депонија се користела како бизнис од наведените лица кои не само што предизвикале еко катастрофа со истурање отпад во заштитена зона Лепенец туку се и осомничени за сторен финансиски криминал, а, она што можеби е најтрагично во целата ситуација е прашањето дали најголем клиент на овие лица кои вршеле екоцид била токму општината Ѓорче Петров?
 
Во нелегалната документација и тетратките во кои се водела нелегална книговодствена евиденција може јасно да се констатира дека покрај градежните фирми и приватни лица, од кои се наплаќало меѓу 1000-1200 денари најчест клиент кој депонирал опасен отпад е нотирана токму општината. На оваа локација од истата нелегална книговодствена евиденција може да се види дека меѓу 50 и 100 тешки товарни возила камиони истурале токсичен и канцероген отпад. 
 
Воедно Општина Ѓорче Петров нема склучено договор со единствената регистрирана санитарна депонија ЈП Дрисла за одлагање комунален и општински отпад.
 
Ова е скандалозно, недозволиво и криминално. Затоа, оттука сакам да се заблагодарам на МВР и екипите на Полициска станица Ѓорче Петров за брзата реакција како и за интересот да се стави крај на ваков криминал, но и апелирам овој криминал што побрзо да биде процесуиран. Градот Скопје поднесе кривична пријава во МВР против лицата кои правеле бизнис со кој го загрозуваат здравјето на граѓаните, а ќе поднесеме и посебна кривична пријава против градоначалникот на општина Ѓорче Петров. Тоа што најмалку може да го направи градоначалникот е да понесе морална одговорност и да си поднесе оставка од функцијата.