Инспекциски тимови ќе вршат едукативни посети кај угостителите за протоколите

Сподели

 

Во наредните десет дена, инспекциски тимови ќе вршат едукативни и информативни посети за да ги запознаат угостителите за протоколите во детали. Целта е на секој угостител да му се укаже и образложи протоколот за функционирање на угостителските објекти. Доколку и покрај тоа не се почитуваат протоколите, ќе следуваат казни, информираше претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска Грашкоска на денешната прес-конференција.

При посетите во овие тимови освен инспектори од Државниот пазарен инспекторат, Инспекторатот за труд и од Агенцијата за храна и ветеринарство, дополнително со нив ќе бидат присутни и инспектори од Управата за јавни приходи.

На новинарско прашање како и кој ќе ги легитимира присутните во угостителските објекти, односно дали тие се во роднинска врска, Директорот на Државен пазарен инспекторат Стојко Пауновски појасни дека тоа ќе го прават самите угостители.

„Келнерот, односно газдата е оној што треба да ги спроведува протоколите, а не инспекторите. Според Законот за угостителска дејност, ние вршиме контрола кај угостителите“, изјави Пауновски.

Со новиот протокол, се дозволува работа само на отворените делови од угостителските објекти за исхрана со послужување, кои се од три страни отворени со кровна конструкција. Работното време на рестораните и кафулирања ќе биде од 8 до 22 часот.

Во однос на инспекциските надзори, во периодот од 19 до 26 мај, претседателката Филиповска Грашкоска кусо информираше дека шесте инспекциски служби направиле 2.375 инпекциски надзори. Најголемиот дел од нив 1.289 ги реализирале инспекторите од Државниот пазарен инспекторат.

  • Државен инспекторат за труд – 436 надзори
  • Агенција за храна и ветеринарство – 192 надзори
  • Државниот здравствен и санитарен инспекторат – 234 надзори
  • Државен инспекторат за транспорт – 180 надзори
  • Агенција за лекови и медицински помагала „МАЛМЕД“ – 44 надзори