Под мотото „Со образование до влијание. Медицинските сестри – двигатели за промени!“, Конгресот годинава става фокус на континуираното образование и улогата на медицинските сестри како лидери во здравствениот систем и општеството.
Ова е настан од меѓународно значење, каде што се очекуваат учесници од цела Македонија и поширокиот регион – медицински сестри, техничари и акушерки – кои ќе разменат знаења, искуства и примери на добра пракса.
Особено сме горди што во рамки на Конгресот ќе се одржи и Регионалната конференција на Европската организација на специјализирани медицински сестри (ЕСНО) – потврда за важноста и влијанието на оваа средба, информираат од ЗМСТАС – ЗА НАС.
Во текот на настанот традиционално ќе се додели и Повелбата и одликувањето „Славјанка Влахчева“, за исклучителен придонес во развојот на сестринската професија.
Организатор на конгресот е Унијата на Здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија (ЗМСТАС), предводена од ЗМСТАС „За Нас“, кои со голема посветеност го подготвуваат овој значаен собир.
Сите заинтересирани професионалци кои сакаат да учествуваат со презентација или стручна тема може да испратат апстракт до 250 зборови на aplikacija@zanas.mk најдоцна до 15 јули 2025 година.
