Вести Македонија Ударни вести

Иванов-Антикорупциска: Законот за спречување на корупција да се расчисти

Сподели:

Комисијата за спречување на корупција денеска донесе одлука да побара документација од кабинетот на претседателот, Ѓорге Иванов, за унапредувањата во армијата.

Според членовите на Комисијата, спорно е тоа што унапредувањата се извршени по распишување на претседателските избори. Документација ќе се бара и од Министерството за одбрана, за да се утврди дали назначувањата се согласно законите. Инаку, потписот на Иванов се најде во Службен весник на пет унапредувања и именувања.

Началникот на генералштабот Васко Ѓурчиновски доби титула генерал-потполковник, генерал Мирче Ѓорѓоски е именуван за постојан воен претставник во НАТО, Драган Ковачки стана командант на Првата механизирана пешадиска бригада, Бесник Емини – началник на штаб во Здружената оперативна команда, а полковник Маријо Јуришиќ за воено аташе во Франција.

Од кабинетот велат дека донесените укази на претседателот Иванов се согласно член 18 од Законот за одбрана, со кој Претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали (точка 11) и поставува и отповикува воени претставници на Републиката во странство (точка 12).

Указите се донесени на предлог на МО и ГШ на АРМ, согласно нивните надлежности, тврдат од кабинетот, во постапка која траеше неколку месеци, а претставува редовна обврска во делокругот на непречено функционирање на државата.

– При донесувањето на шестте укази се испочитувани одредбите од Изборниот законик и одредбите од Законот за спречување на корупција. Ја охрабруваме Државната комисија за спречување на корупцијата да постапи по овие случаи со што би се отстраниле појавените шпекулации во јавноста – стои во соопштението од Кабинетот на Претседателот.

Сподели: