Изложба „Македонија памети – никогаш да не се заборави“ во Демир Хисар

Сподели

 

Годинава се навршуваат 75 години од формирањето на Меѓународниот архивски совет (International Council on Archives – ICA) под покровителство на УНЕСКО, организација која ги обединува архивите и архивистите од целиот свет.

За таа цел, Меѓународниот архивски совет од понеделник 5 јуни 2023 година до петок 9 јуни 2023 година ја организира петтата по ред Меѓународна недела на архивите (#IAW2023), која ќе помине во знакот на одбележувањето на овој значаен јубилеј #75YearsICA. Важноста на записите, архивите и архивската професија е темата која ќе биде популаризирана во рамките на онлајн-сесиите кои се предвидени да се реализираат, а во кои ќе учествуваат архивски институции и архивисти. Оваа недела, Меѓународниот архивски совет почнува кампања на социјалните медиуми, која ќе биде посветена на градењето на архивската заедница #ArchivesUnited во изминатите 75 години.

Меѓународниот ден на архивите – 9 јуни, со текот на годините прерасна во Меѓународна недела на архивите при што архивски професионалци од околу 200 држави во овој период сакајќи да го свртат вниманието на јавноста преку различни форми го промовираат сопственото работење и значењето на архивите.

Државниот архив ќе даде придонес во одбележувањето на Меѓународната архивска недела така што ќе ја постави изложбата „Македонија памети – никогаш да не се заборави“ во Домот на културата „Илинден“ во град Демир Хисар на 5 јуни (понеделник) 2023 година, и архивисти од Државниот архив активно ќе се вклучат во вебинарите на МАС и ќе споделат сопствени искуства од работата.