Вести Македонија

Јанева потврди дека извештајот ќе го објави в четврток, но не кажува дали ќе оди во Собрание

Сподели:

janeva-2

Специјалното јавно обвинителство в четврток до Собранието и до Советот на јавни обвинители ќе го достави вториот шестмесечен извештај за својата работа, потврдија за „Мета“ од СЈО. Оттаму, сепак, не одговараат конкретно дали Катица Јанева лично ќе се појави во Собранието и пред Советот на јавни обвинители.

„Извештајот ќе биде доставен до Советот на јавни обвинители и до Собранието на Република Македонија на 15 септември 2016 година. Истовремено (извештајот) ќе биде објавен јавно на нашата веб-страница“, стои во одговорот на СЈО на нашите прашања: „Дали Специјалното јавно обвинитество го подготви вториот шестмесечен извештај за својата работа и кога ќе биде објавен и дали специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, ќе го презентира извештајот во Собранието и во Советот на јавни обвинители (или само ќе им биде доставен на овие две институции, како што беше случај со претходниот извештај)?

Инаку, за четврток, според распоредот на интернет-страницата на Собранието, не е закажана седница во врска со извештајот на СЈО, ниту комисиска, ниту пленарна.

„Јавниот обвинител ќе поднесува извештај секои шест месеци за неговите, односно нејзините активности, вклучувајќи и опис за напредок во која било истрага или гонење преземено од јавниот обвинител. Во таквиот извештај може да бидат изоставени материјали кои според јавниот обвинител треба да се чуваат како доверливи, но ќе обезбеди соодветни информации за да ги оправда трошоците“, стои во ставот 2 од члнот 7 на Законот за СЈО.

Првиот извештај на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, од 15 март, беше повод за жестоки расправии меѓу СЈО и Советот на јавни обвинители. Советот инсистираше Јанева лично да образложи делови од извештајот, поради што седниците за негово разгледување беа неколкупати одложувани, а истото го бараше и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Тие ја обвинија Јанева дека не ги почитува институциите и се става над Собранието и над Уставот.

„Не станува збор за непочитување на овие две институции. Имено, во согласност со законските прописи, а и во согласност со Уставот на Република Македонија, јас имам единствено законска обврска да поднесам извештај за шестмесечното работење на ова јавно обвинителство, кој извештај е поднесен и ги содржи сите елементи што законот ги пропишува. Воедно, во согласност со практиката на работењето на институциите до кои се доставува извештајот – Собранието на Република Македонија и Советот на јавни обвинители, подносителот на извештајот никогаш не се повикувал да ја образложува содржината на поднесениот извештај“, одговори тогаш Јанева.

Јанева вториот извештај ќе го поднесе на годишнината од нејзиното назначување за специјална јавна обвинителка и од основањето на СЈО.

Сподели: