Јанева се враќа во УБК за да види зошто ѝ го избркале истражителот

Сподели

janeva-vo-top-tema

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, вечерва повторно се враќа во Управата за безбедност и контраразузнавање бидејќи истражител на СЈО бил отстранет од просторијата во УБК, информираше таа во гостувањето на „Топ-тема“ на телевизија „Телма“.

Јанева појасни дека и покрај тоа што обвинителите ја напуштиле УБК, сепак таму имало истражители кои останале за да следат кој и што работи додека не дојде експертот што може да влезе во компјутерскиот систем и да ги извлече податоците од 2008 до 2015 година, кои би се користеле во истрагата околу тоа кој и зошто прислушувал.

– Обвинителите не се во УБК, но истражителите се таму додека не се воспостави контакт со експертот што го одржува системот. Сега ми јавија дека истражителот бил избркан од просториите и се наоѓа во дворот на УБК – појасни Јанева.

Специјалната јавна обвинителка рече дека доколку директорот на УБК, Владимир Атанасовски, заменик-министерот за внатрешни работи, Оливер Андонов, директорот на Биро за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, но и други лица ја попречуваат истрагата, таа ќе поднесе пријави против нив.

Пред два дена, Јанева со својот тим влезе во Управата за безбедност и контраразузнавање за да се дознае кој прислушувал, дали УБК или странски служби.

Попладнево соопштија дека СЈО од УБК ја одзело целата документација со наредби за посебни истражни мерки за следење на комуникациите, книгите за евиденција и дел од компјутерските податоци од системот за прислушување.

meta.mk