На 5 мај 2026 година се одржа редовната седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и домашната економија, како и најновите случувања на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На оваа седница, Извршниот одбор донесе одлука за задржување на основната каматна стапка на нивото од 4%. Одлуката за монетарната политика беше донесена во услови на исклучително зголемена глобална непредвидливост и потреба од дополнителни информации за поцелосно согледување на ефектите врз домашната економија. Во прилог на ваквата поставеност се и досегашните измени кај останатите инструменти – задолжителната резерва и ризик
макропрудентните мерки кои се насочени кон одржување на стабилноста на девизниот курс и инфлацијата и ублажување на кредитните услови. На последниот состанок за монетарната политика ЕЦБ, исто така, ги задржа каматните стапки непроменети.
Одолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток доведе до нарушување на снабдувањето со нафта во светот и натамошно одржување на цените на нафтата на светските пазари на високо ниво. Во следниот период, како и досега, внимателно ќе се следат глобалните случувања, нивниот одраз врз домашната економија, а особено врз девизниот пазар и нивото на цените. Доколку инфлацијата се задржи на повисоко ниво и делува на инфлациските очекувања, а побарувачката на девизниот пазар продолжи да расте и во следниов период, Народната банка ќе реагира со зголемување на каматната стапка.
Во монетарниот сектор продолжуваат солидните движења. Податоците за депозитите и кредитите во март 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките и солиден раст на кредитната активност, со динамика која е над очекувањата за првиот квартал од годината.
Општо земено, Народната банка продолжува со внимателен пристап во водењето на монетарната политика, во согласност со најновите макроекономски движења и тековните проценки на ризиците. Надворешните ризици остануваат изразени, имајќи ја предвид неизвесноста околу понатамошниот развој на ситуацијата на Блискиот Исток. Истовремено, се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка внимателно ги следи сите случувања и редовно ги оценува ризиците од можните ефекти врз домашната економија. останувајќи подготвена да ги искористи сите расположливи инструменти и да презема соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.


