Вести Македонија Ударни вести

Кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“

Сподели:

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се обрати на Форумот во рамки на Кампањата „ 16 дена активизам против родово базираното насилство“ во организација на Канцеларијата на УНДП во Скопје  и Владата на Република Северна Македонија. На Форумот видео  обраќање имаше  министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, а поздравни обраќања имаа и Армен Григорјан- Постојан претставник на Канцеларијата на УНДП и Анке Холштајн, амбасадорка на Сојузна Република Германија.

Министерот Спасовски потенцираше дека кампањата има за цел да ја подигне свеста дека семејното насилство не е лична работа, односно приватен проблем што треба да остане во семејството, туку дека сите ние сме должни, и како луѓе, и како институции, да го препознаеме овој проблем, да преземеме мерки за негова превенција, но и  да дадеме ефикасен одговор за заштита на жртвите.

 

 

„ Денешнава дебата посветена на прашањата кои произлегуваат од истражувањето за фемицидите е особено значајна од повеќе аспекти. Поаѓајќи од континуираната посветеност на следењето на трендовите, идентификувањето на причините, а пред сѐ, од аспект на дебата за  подобрување на ефикасноста на институциите за  реакција при  превенирање на насилството врз жените.  Заеднички именител на денешнава  дискусија е фактот дека фемицидот е најекстремната форма на родово базираното насилство, односно криминал сторен од омраза.“, рече министерот Спасовски.

Спасовски истакна дека анализата на случаи на фемициди, односно на убиства на жени во Република Северна Македонија, изработена во рамките на проектот „Подобрување на националните практики во врска со мало и лесно оружје и градење заедници отпорни на насилство“, поради веќе воспоставениот концепт за нулта толеранција, ја апострофира определбата на државата дека е потребен сериозен, аналитички пристап, кој се темели на основните постулати за превенција, рана идентификација, брз одговор на институциите во обезбедувањето на мерки за помош и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и на семејно насилство и образложи дека креирањето на квалитетни мерки за превенција се базира на навременото собирање на податоци за родово базираното насилство.

„ Министерството за внатрешни работи, поддржано од германската Влада, во соработка со Канцеларијата на УНДП  работи на имплементација на проектот за „Подобрување на националните практики во врска со мало и лесно оружје и градење заедници отпорни на насилство“, преку кој треба да се постигнат дел од целите на Патоказот за одржливи решенија за нелегално поседување, злоупотреба и илегална трговија на мало и лесно оружје и муниција во Западниот Балкан.

Една од клучните цели е преку подобрување на прибирање податоци, анализа и дисеминација на информации поврзани со малото и лесно оружје да се обезбедат политики и практики за негова контрола. “, акцентираше министерот Спасовски.

Спасовски истакна дека современите трендови на криминал, криминалот од омраза, родово базираното насилство, фемицидите – како екстремно злосторничко однесување бараат пристап кој ќе се темели на проактивност и оттаму развивањето на полицискиот информациски систем значајно ќе придонесе да се намали нелегалното оружје но и да се зголеми бројот на одземени дозволи за оружје на лица, а сето тоа ќе придонесе за поголема општа и лична безбедност на граѓаните.

„ Сите ние треба да посветиме повеќе внимание на причините, не само на последиците од семејното насилство. Една од причините за фемициди е пристапот до огнено оружје на сторителите. Статистиката, која е навистина неверојатна покажува дека дури 99,5 отсто од огненото оружје во државата е во сопственост на мажи, додека жените поседуваат само половина процент од оружјето. Би сакал да истакнам дека ние во УНДП остануваме посветени на поддршката на МВР за зајакнување на капацитетите за регулирање на пазарот на огнено оружје и за борба против недозволената трговија со оружје.“, истакна Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.

Анке Холштајн, амбасадорката на Сојузна Република Германија потенцираше дека во рамки на кампањата против родово базирано насилство, пред два дена беше објавен извештај во кој се посочува дека во Германија секој втор ден по една жена е убиена од сегашниот или поранешниот партнер и посочи дека родовиот баланс во секојдневниот живот и во политиката, во сите сегменти во општеството, е предуслов за ставање крај на родово базираното насилство.

Кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ во Република Северна Македонија се одбележува од 2014 година и има цел да  ја подигне општествената свест и да поттикне на размислување за индивидуалниот и колективниот придонес во борбата за спречување на родово базираното насилство, а се случува секоја година во текот на 16 дена во периодот помеѓу 25 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените и 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

Сподели: