Вести Македонија Ударни вести

Кацарска оствари работна средба со амбасадорот на ОБСЕ, Килијан Вал

Сподели:

 

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска оствари работна средба со амбасадорот Килијан Вaл, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје. На состанокот се разговараше за состојбата во Уставниот суд од аспект на недостатокот на уште двајца судии, ресурсите со кои работи и располага Судот и важноста за остварување негова финансиска самостојност.

 

 

На средбата стана збор и за надлежностите на Уставниот суд при одлучувањето за човековите слободи и права при што претседателката Кацарска ги презентираше сите активности кои ги презеде изминатиот период за подигнување на свеста за воведување на уставната жалба и нејзиното значење за граѓаните, како и барањето на поддршка за воведување на овој инструмент. 

Амбасадорот Вал изрази поддршка за функционалното унапредување на Уставниот суд, нагласувајќи ја неговата улога во почитување на принципите на владеење на правото и заштита на човековите права и слободи. Тој, исто така, ја истакна важноста од воведувањето на уставната жалба.

ОБСЕ мисијата во Скопје е важен партнер и поддржувач на работењето на Уставниот суд и во изминатиот период соработката се ефектуираше преку организирање на обуки од областа на човековите права, за советниците кои работат на предмети во Уставниот суд. 

На средбата е нагласена заедничката желба за продолжување на соработката  во следниот период, која ќе се реализира преку редовна комуникација на службите, со цел имплементирање на проекти кои се од суштинско значење и за работењето на Уставниот и за вредностите кои ги застапува и промовира мисијата на ОБСЕ.

Средбата се одржа во просториите на Уставниот суд на 6 декември 2023 година. 

Сподели: