Вести Македонија Ударни вести

Кацарска: Секоја пресуда што сум ја донела била исправна

Сподели:

Во емисијата „Правда и неправда“ на 1ТВ, судијката Добрила  Кацарска, нагласи дека не само за оваа пресуда, туку и за секоја една пресуда што ја донела е цврсто убедена дека донела исправна пресуда.

– Немав ни трошка сомнеж дека обвинетите се виновни токму за она дело за кое што се обвинуваа. Но, бидете сигурни дека не е лесно да се изрече казна затвор без оглед колкава е висината на казната, изјави Кацарска.

Посочи дека за секоја една пресуда што ја изрекува секогаш се води исклучиво од доказите што се наоѓаат во предметот.

– Пред да ја донесам одлуката секогаш ги анализирам сите докази. И тука би нагласила дека додека не се изведе и последниот доказ никој не може да знае каква ќе биде пресудата. Во поглед на тие коментари дека казните се драконски, јас би рекла дека многу лесно се дава таква изјава дека казните се драконски од аспект што за да кажете дали некоја казна е законска или не, треба пред себе да го имате целиот предмет со сите докази, да извршите целосна анализа на доказите па дури потоа можете да кажете дека казните се драконски или се многу ниски. Притоа треба да се цени и фактот дека најмалата казна е десет години, изјави Кацарска.

За ослободителната пресуда за оперскиот пејач Игор Дурловски, објаснува дека како судија нема како ни зошто да го изедначува со групата амнестирани која ги предводеше протестите на „За заедничка Македонија“. Како што вели, во кариерата донела повеќе ослободителни пресуди, но оваа и била најтешка.

-Ги имаме сите докази, но од нив не произлезе дека обвинетиот го сторил делото за кое беше обвинет. Предметот се однесува само на настаните од 27 април, а не и претходно. За Игор Дурловски имаме само доказ дека влегол во Собранието, се наоѓа во пленарната сала, и ја пее химната. Точно е дека се поздравува со дел од присутните, но не остави простор макар за минимален сомнеж дека има контакти и е поврзан со останатите учесници во постапката, вели Кацарска.

Во однос на Законот за амнестија, Кацарска вели дека со тој закон правдата не е до крај исполнета.

-Апсолутно се согласувам дека со донесувањето на Законот за амнестија, правдата е селективна и не е задоволена. Сепак, не можам да го прифатам тој термин како организатори затоа што има друг предмет што треба да се работи, ќе видиме што се случувало, дали има дејствија кај овие што се сега осомничени. Тој закон е избрзан. Се донесе во фаза кога ја завршивме доказната постапка. Можеби требаше да се причека да се донесе пресуда, па потоа да бидат некои од нив амнестирани, но сепак тоа е закон што го донесе Собранието и јас како судија сум должна да го почитувам, истакна Кацарска. 

Сподели: