Ќе се рестартира музичката продукција на МРТ

Сподели

Владата на Република Македонија ја усвои Информацијата за потребата од ревитализирање и рестартирање на музичката продукција на Македонската радиотелевизија (МРТВ), информираше денес на прес-конференција портпаролот на Владата на РМ, Миле Бошњаковски.

MRTV

За подготовка на решението за музичката продукција на МРТ, ќе биде ангажирана работна група од Кабинетот на Претседателот на Владата, министерствата за култура, за финансии, за информатичко општество и администрација, МРТ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Целта е македонската музичка продукција да зајакне и да го има сјајот од минатото, а не како во изминатите 10 години преку субвенции да продуцираме неквалитет“, истакна Бошњаковски.  Тој додаде дека работната група е задолжена во рок од 30 дена по нејзиното формирање да подготви анализа на финансиските импликации и актите на МРТ и до Владата да достави информација за анализата со кои институциите ќе треба понатаму да постапат и практично да се спроведе процесот на ревитализација на музичката продукција на МРТ.

Инаку, во претходните два месеци, Министерството за култура на Република Македонија, во соработка со кабинетот на претседателот на Владата на Република Македонија и посебната советничка за култура на претседателот на Владата на Република Македонија, Цветанка Ласкова, спроведе јавна расправа, чија цел беше да се слушне ставот на стручната јавност и сите засегнати страни за предлогот за ревитализација на Музичката продукција на Македонската радио телевизија, подготвен од страна на група стручњаци составена од проф. Живоин Глишиќ, проф. Кире Костов, Славе Димитров, Љупчо Мирковски и Будимка Имери.

Сите присутни на јавните расправи дадоа едногласна поддршка за идејата за ревитализација на музичката продукција на МРТ и побараа од надлежните институции што побргу да пристапат кон реализација на овој концепт.