Вести

Коцијанчич: Следните недели се клучни за Македонија

Сподели:

evropska-komisija-860x680

Брисел денеска повторно ги повика македонските политички лидери да седнат на преговарачката маса и да создадат услови за веродостојни избори и истакна дека следните недели се клучни за европската иднина на Македонија.

– Советот за надворешни работи вчера разговараше за ситуацијата во поранешната југословенска Република Македонија. Како што истакна високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, постои многу јасна согласност меѓу земјите членки за потребата политичките лидери во земјата да се вклучат во отворен дијалог, да се имплементира Договорот од Пржино и да се создадат услови за веродостојни избори, да се развие владеењето на правото, да се поддржи работата на Специјалното јавно обвинителство и да се имплементираат реформските приоритети – соопшти за „Мета“ Маја Коцијанчич, портпаролката на шефицата на европската дипломатија.

Портпаролката, сепак, не прецизираше дали на вчерашниот состанок било разговарано за воведување санкции кон Македонија, иако шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, соопшти дека на состанокот се спротиставил на воведувањето санкции за Македонија со образложение дека тоа би било контрапродуктивно за нашата земја.

– Политичката криза почна да има негативни последици за земјата и за нејзината евроатлантска иднина. Ова не е вообичаено и секое недејствување ќе има последици. Конкретните резултати и робустните реформи во следните недели ќе бидат клучни дали Европската комисија ќе ги повтори своите препораки во следниот годишен извештај – рече Коцијанчич.

http://meta.mk/kotsijanchich-slednite-nedeli-se-kluchni-za-makedonija/

Сподели: