Ковачевски: НАТО интеграцијата обезбеди мирен и стабилен Балкан, продолжуваме на истиот пат и кон ЕУ

Сподели

 

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, заедно со генералниот секретар на НАТО Столтенберг, претседателот на Владата на Албанија, Еди Рама, претседателот на Владата на Црна Гора, Милојко Спајиќ и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, по завршувањето на неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот, одржаа заедничка прес-конференција. Премиерот Ковачевски, во своето обраќање посочи дека НАТО интеграцијата обезбеди мирен и стабилен Балкан, и државата продолжува на истиот пат и кон Европската Унија.

 

 

„Драг и почитуван генерален секретар Столтенберг, благодарам на убавите зборови и за поддршката што ја добиваме од вас. Вие сте секогаш добредојден во Северна Македонија и сте еден од личностите во врвната светска политика кои навистина е пријател на Северна Македонија, изјави премиерот Ковачевски.

 


 
Еди, пријателе, често се гледаме и одлично соработуваме.
 
Претседателе Милановиќ, нè почестивте навистина со вашето присуство, и драго ми е што колегата Милојко е денес заедно со нас на почетокот од неговиот мандат како премиер на Црна Гора.

 

 
Чест ми е што овој неформален состанок на лидери на земји членки од регионот се одржува во Скопје. Тоа е уште една потврда дека Северна Македонија е препознаена како ценет сојузник на НАТО и фактор на стабилност во регионот на Западен Балкан.
 
Со лидерите имавме можност да разговараме за актуелните прашања за нашиот регион и нашата посветеност, како Алијанса, кон неговата стабилност и безбедност.
 
Разговаравме за предизвиците кои се поврзани со регионалната безбедноста и со сајбер безбедноста како прашање со кое сме засегнати сите ние од регионот и прашање кое го решаваме и со кое се соочуваме заедно со нашите партнери од останатите земји членки од НАТО.

Исто така разговаравме за безбедноста во регионот во детали како што кажа и генералниот секретар на НАТО, а која регионална безбедност ја обезбедуваме во целост преку земјите членки на НАТО. Оваа безбедносна стабилност и на земјата и на регионот, носи економски просперитет за кој исто така разговаравме со денешните соговорници.
 
Инвеститорите од европските земји и САД во Северна Македонија и регионот препознаваат место каде можат да ги инвестираат своите пари, и со тоа да обезбедат подобри работни места, подобри плати и крајно зголемување на животниот стандард на граѓаните.

Ова е факт и тој е овозможен затоа што земјите од регионот, вклучително и Северна Македонија, како членки на НАТО се гарант на безбедноста на овој дел од светот.

Северна Македонија и земјите од регионот кои се покажаа како ценети сојузници од доверба заслужуваат да бидат дел од ЕУ, и со тоа ќе го искористат и ќе го искористиме целосно својот потенцијал за економски напредок. Тоа ќе значи зголемување на животниот стандард на своите граѓани, унапредување на демократијата и унапредување на владеењето на правото. Тоа е тоа што нашите граѓани го заслужуваат и што сите овде присутни лидери сме сложни заедно да го направиме.

Како сојузници, како демократи, како прогресивни лидери градиме еден нов регион и постојано го унапредуваме.

Тоа дефинитивно може да се каже за Северна Македонија, која одамна е пример за соживот, за мирно решавање на спорови преку дијалог, за реформирање и практицирање демократија и инклузивност во носењето на одлуките.
 
Токму затоа продолжувањето на евроинтеграција на Северна Македонија е од исклучително големо значење. Наша домашна задача е да продолжиме да работиме забрзано и посветено до целосно интегрирање и во ЕУ, како што тоа го направивме со интегрирањето во НАТО Алијансата.
 
Членството во ЕУ е нашата цел и ние немаме друга алтернатива. Дали ќе бидеме таму набрзо, сега зависи само и единствено од нас и од одлуките кои ние треба да ги донесеме во нашето собрание.
 
За крај, би сакал да потенцирам дека како Македонец, горд сум што живеам во мултиетничка, мултикултурна земја во која соживотот базиран на меѓусебна почит е нормално секојдневие. И уште повеќе затоа што со нашата работа ја издигнавме Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот.
 
Верувам дека зад ова стојат и сите лидери кои ги гледате денеска тука пред вас.

Ви благодарам и уште еднаш се заблагодарувам на генералниот секретар на НАТО, на сите лидери од земјите денес присутни што имавме можност да разговараме за овие исклучително важни прашања на денешниот состанок“.