Вести Македонија Ударни вести

Ковачевски – Шоле: Стратешкото партнерство никогаш посилно

Сподели:

 

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски придружуван од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска и министрите за надворешни работи, Бујар Османи, за одбрана, Славјанка Петровска, за внатрешни работи, Оливер Спасовски и за економија, Крешник Бектеши се сретна со Дерек Шоле, советник на државниот секретар на САД, Ентони Бликнен, придружуван од заменикот шеф на Амбасадата на САД во Скопје, Ерик Мејер и од претставници од Амбасадата.

 

На состанокот е нагласена големата поддршка од Соединетите Американски Држави во натамошниот напредок на Република Северна Македонија.

Оценето е дека традиционалното, искрено и долгогодишно пријателство со САД има големо значење во развојот на демократските, реформските и интеграциските процеси на Република Северна Македонија.

Констатирано е дека стратешкото партнерство на Северна Македонија со САД е силна поддршка на сите важни процеси за демократската иднина на државата и за унапредувањето на квалитетот на живот на граѓаните.  

На средбата е разговарано за актуелни прашања од значење за евроинтеграциите на државава, за справувањето со економско-енергетската криза, за ситуацијата во регионален контекст. Во таа насока е потенцирана јасната поддршка од САД за напредокот во евроинтеграциите на Република Северна Македонија, како прашање од значење и за европските перспективи, стабилноста и безбедноста и во регионот, што се покажа посебно неопходно, по војната во Украина.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за големото пријателство и стратешко партнерство со САД, во билатералните односи и во рамки на НАТО Алијансата.

Претседателот на Владата, Ковачевски оцени дека ова е многу важен состанок, со значаен претставник од САД, на којшто има можност да се поразговара за најактуелните теми коишто се однесуваат на задржувањето на реформскиот курс на државата и на потребните одлуки што треба да се донесат во текот на 2023, со цел Северна Македонија непречено да ги продолжи преговорите со ЕУ. Во таа насока премиерот Ковачевски ја посочи потребната конструктивноста во Парламентот за усвојувањето на уставни измени, со цел придвижување на европскиот пат.

На средбата премиерот Ковачевски го посочи значењето на постојаната соработка што ја има Северна Македонија со САД во борбата против корупцијата и владеењето на правото, со цел да се унапреди владеењето на правото и да се засили борбата против корупцијата.

Како една од темите беше истакнато претседавањето на нашата држава со ОБСЕ, при што премиерот Ковачевски посочи на подготовките на министерот Османи за презентација на приоритетите на македонското претседателство со ОБСЕ во текот на наредните денови во Виена.

Посебно внимание беше посветено на делот околу справувањето со енергетската криза, на што Владата е силно посветена, а има поддршка и од нашите партнери од САД.

По состанокот, којшто помина во исклучително позитивна атмосфера договорен е нов состанок во делот на стратешкиот дијалог што го има Република Северна Македонија со САД, што е предвидено да се случи во првата половина на оваа 2023 година.

Сподели: