Вести Македонија

Коѕиас до Димитров: Грција нема да дозволи влез во НАТО под привремената референца

Сподели:

Грција го поддржува територијалниот интегритет на северниот сосед, изјави шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров.

Тој ја отфрли можноста Грција да дозволи Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО под привремената референца.

– Сега Македонија ќе сака да биде членка на повеќе меѓународни организации. Ние тоа ќе го поддржиме под услов да се реши проблемот во врска со името – рече Коѕиас, додавајќи дека потребен е нов договор во ОН за ново име, кој потоа ќе се презентира во Европската Унија.

Тој изрази надеж дека имплементирањето на мерките за градење доверба ќе доведе до фаза кога ќе се зборува за решавање на проблемот.

Шефот на македонската дипломатија, Димитров, рече дека имал отворена и пријателска средба со Коѕиас. Тој, говорејќи за односите меѓу двете земји и за првата официјална посета, истакна дека не често се случува „по првата средба да се почне да се танцува“, но рече дека ќе продолжи да работи на олеснување и на подобрување на односите меѓу двете земји.

– Задача на дипломатите е да градат мостови, да отвораат врати и затоа првата посета е на Грција. Преку конкретни чекори треба да изградиме позитивна слика во регионот. Можеме подобро сите заедно од она што го правиме на Балканот. Ќе продолжиме да даваме аргументи со зборови и со дела, дека е во интерес на нашиот јужен сосед и ние да бидеме европска демократија што ќе влезе во НАТО и ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ. Убеден сум дека отворањето на патот може да помогне да се затвори главното прашање – истакна Димитров.

meta.mk

Сподели: