Коѕиас не отстапува од ставот дека „кумот го згрешил името на Македонија“

Сподели

 

kozias

 

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, не го менува ставот дека „кумот го згрешил името на Македонија“. Откако настапи со истата позиција пред неколку недели во интервју за весникот „Катимерини“, Коѕиас одново го повтори овој свој став во интервју за радиото „Алфа“, говорејќи за грчката надворешна политика, актуелните односи со македонската страна и за мерките за градење доверба.

Коѕиас ги оцени мерките за градење доверба како особено корисни, посочувајќи дека помогнале да се подобри климата и да се разбие ставот дека Грција сака Македонија да се распадне.

„Креиравме мерки за градење доверба со Скопје, нашиот северен сосед, и ги смиривме страстите, покажувајќи дека не држи вода ставот дека Грција сака оваа држава да се распадне или дека не ја сака државата. Она што јас го велам е дека добро е оваа држава што постои, но има лош кум и тоа се гледа од нејзиното име“, истакна Коѕиас за радиото „Алфа“.

Според грчкиот шеф на дипломатијата, владата на Алексис Ципрас води мудра надворешна политика која се заснова на јасни вредности и принципи. Истовремено, според Коѕиас, работат и на решавање на отворените проблеми, а мерките за градење доверба со Македонија, како што посочува, се само еден од примерите за тоа.

meta.mk