Со новиот Предлог-закон за трансформација во редовен работен однос се предвидува воспоставување на јасни правила за решавање на статусот на оваа категорија граѓани, кои со години ги извршуваат своите обврски и придонесуваат за функционирањето на институциите, но живеат во постојана економска и правна несигурност.
Тоа значи, дека илјадници лица ангажирани во јавниот сектор кои со години работат со договори на дело, авторски договори или преку агенции за привремени вработувања во локалната администрација, јавните претпријатија, културните установи и здравството, се на чекор до добивање редовен работен однос на неопределено време, изјави Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ и истакна дека со предложениот закон се решава долгогодишен проблем на луѓето кои со години работат во институциите без сигурност за својата работна иднина.
Институциите опфатени со законот ќе имаат рок од 90 дена од неговото стапување во сила да ги склучат договорите или да ги донесат решенијата за вработување. За најмногу 50 проценти од опфатените лица трансформацијата ќе стапи во сила веднаш, додека за останатите крајниот рок е 31 декември 2027 година. Законот предвидува и заштитен механизам според кој институциите нема да смеат да ги раскинуваат договорите на опфатените лица додека трае постапката, освен во случаи на сериозна повреда на работните обврски.
Од овој закон остануваат изземени неколку клучни сектори во државата. Правата за трансформација нема да важат за акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал во Армијата, вработените во Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, финансиската полиција, како и кадарот во основните, средните училишта, високообразовните установи и студентските домови. За сите останати установи, клучниот филтер ќе биде во рацете на Министерството за финансии, кое ќе има обврска да ја контролира документацијата и да издава финални согласности единствено доколку се исполнети законските услови и доколку трансформациите се во согласност со расположливите буџетски средства на самите институции.


