Кривичен суд денес ќе одлучува за барањата за притвор

Сподели

Судиите од Кривичниот суд денеска треба да одлучат за барањата за притвор и за другите мерки за претпазливост кои ги побара Специјалното јавно обвинителство за поранешниот премиер Никола Груевски, високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и други осомничени лица.

Предметите вчера експресно беа распределени кај судии од Кривичниот суд. Случајот „Тотал“, „Тревник“, „Тифани“, „Титаник“ и „Тортура“ преку автоматска распределба се доделени во работа за оценка на обвинителен акт кај судијата Моника Бахчовановска. Бахчовановска е сопруга на висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Таа ќе ги суди случаите во кои осомничени се поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, како и Драган Павловиќ и Ивона Талевска, но и случајот „Титаник“ против раководството на ВМРО-ДПМНЕ за изборни злоупотреби.

Предмети доби и судијката Лидија Петровска која ќе го суди случајот „Тарифа“. Инаку за Петровска, СЈО веќе бараше изземање, а оваа судијка ја имаше и во политичките бомби за сваровски судиите. Кај судијата Горан Бошевски се предметите „Трезор “ и „Тенк“, кај судијата Верка Петковска предметот „Титаник-2“, кај судијата Ленка Давитковска, предметот „Топлик“, кај судијата Ивица Стефановски, предметот „Тендери“ и кај судијата Татјана Михајлова предметите „ТНТ“ и „Траекторија“.

Судиите имаат рок од 24 часа по добивањето на предметите да одлучат дали ќе ги прифатат предложените мерки на СЈО.

Специјалното јавно обвинителство вчера поднесе 17 обвиненија за 18 предмети против вкупно 94 физички и седум правни лица. Се бара мерка притвор за 18 лица и мерка претпазливост за 47 лица.