Вести Македонија

Кривична пријава од СДСМ против судијката Поп-Стефанија за случајот „Тврдина“

Сподели:

2391fc2b-803a-4074-bf12-522ab1fa9f9f

СДСМ ќе поднесе кривична пријава за судијката Александра Поп-Стефанија за одлуката да го прогласи Специјалното јавно обвинителство за ненадлежно за случајот „Тврдина“ – уништување на опрема за прислушување.

– Во името на заштитата на правото и на законите, СДСМ ќе побара преиспитување на нејзината работа, како и на работата на претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски. Криминогената одлука да се прогласи СЈО за ненадлежно за случајот со уништување на опремата за прислушување, во кој се вмешани Гордана Јанкулоска, Горан Грујовски и други осомничени, е спротивна на законските прописи по повеќе основи. Прво, во кривична постапка, овластен тужител може да биде физичко лице или обвинителство. СЈО е токму тоа, обвинителство. Ова значи дека постапката е поведена од надлежен орган, СЈО. Второ, во конкретниот случај станува збор за предмет за кој судот веќе има постапувано и носено решенија – рече портпаролот на партијата, Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.

Според него Републичкиот судски совет ја делегирал Поп-Стефанија од судот во Неготино во судот во Скопје да суди предмети во одделението за прекршоци и во согласност со таа одлука, Поп-Стефанија нема законско право да одлучува за предмети за организиран криминал.

– Оттука, назначувањето на Поп-Стефанија за судија во организиран криминал и за судија во овој предмет е спротивно на Законот за судовите, одлуката на Републичкиот судски совет и на правилникот за работа на Судот. Владимир Панчевски нема законско право да ја прераспределува во одделот за организиран криминал. Затоа сметаме дека основани се сомнежите дека „некој“ намерно, пред два месеци, непосредно по аболицијата, ги донел овие незаконски одлуки за распределба – изјави Шилегов.

Тој додаде дека овие, како што рече, незаконски одлуки се обид да се одбрани криминалната власт од правдата и од законите.

http://meta.mk/krivichna-prijava-od-sdsm-protiv-sudijkata-pop-stefanija-za-sluchajot-tvrdina/

Сподели: