Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против две физички лица – сопственици и управители на правно лице, како и против самото правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Даночно затајување“ од член 279 од Кривичниот законик на РС Македонија.
Првопријавениот Н.О., странски државјанин на Република Турција, во својство на реален сопственик и управител на правното лице во периодот од 2016 до 2021 година, кога последен пат во име на пријавениот правен субјект поднел завршна сметка со искажана нето загуба во износ од 834.571 денари, со однапред утврдена намера да ја присвои набавената трговска стока евидентирана на залиха и да го избегне исполнувањето на даночните обврски во наредниот период по основ на застарени краткорочни обврски, извршил промена на сопственичката и управувачката структура на правното лице, при што како нов управител и сопственик бил запишан второпријавениот Е.М.
Во име на пријавениот правен субјект, за деловните години 2022, 2023, 2024 и 2025 година не биле изготвени и поднесени завршни сметки, со што пријавените набавената трговска стока во вкупен износ од 32.054.759 денари неосновано ја присвоиле за себе. Притоа, не пресметале, не пријавиле и не уплатиле Данок на додадена вредност по даночна стапка од 18% во износ од 5.769.856 денари, додека пријавениот правен субјект не пресметал, не пријавил и не платил Данок на личен доход во име и за сметка на пријавените лица во износ од 3.561.283 денари.
Дополнително, пријавените не ги отпишале и не ги прикажале како приходи застарените краткорочни обврски кон добавувачи постари од три години, во вкупен износ од 32.847.325 денари, при што не пресметале, не пријавиле и не уплатиле Данок на добивка по даночна стапка од 10% во износ од 3.284.732 денари, по основ на неоданочени застарени обврски кон добавувачи кои не биле прикажани како приходи во Билансот на успех и Даночниот биланс на правниот субјект.
Со наведените дејствија, пријавените не пресметале, не пријавиле и не ги уплатиле законски утврдените даночни обврски по претходно наведените основи, во вкупен износ од 12.615.871 денари, со што го оштетиле Буџетот на РС Македонија, информираат од Управата за финансиска полиција.


