ЛДП: Нема фер избори, ако ВМРО-ДПМНЕ има 650 милиони евра на располагање

Сподели

LDP-660x330

ЛДП – Либерално-демократската партија е сериозно загрижена од темпото и нивото на задолженост на земјава, особено по официјализирањето на намерата на власта за издавање на нова еврообврзница од рекордни 650 милиони евра, изјави денеска на прес-конференција Филип Јаневиќ, портпаролот на ЛДП.

-Овој чин на власта во заминување е погубен поради фактот што задолжувањето со еврообврзницата не е мотивирано заради продуктивна потрошувачка, туку од политички цели. Затоа како конструктивна опозиција отворено и јавно го поставуваме прашањето –каква смисла имаат преговорите меѓу потписничките на Договорот од Пржино за изнаоѓање на решение за политичката криза, кога власта под диктат на Никола Груевски се задолжува со нова еврообврзница за корупција на гласачкото тело. Оваа власт, уште еднаш, без око да и трепне, не само сегашните туку и идните генерации ги втурнува во уште поголема беда и сиромаштија, со товар да ги плаќаат каматите од нејзините расипнички трошења – обвини Јаневиќ.

Тој додаде дека со задолжувањето Македонија се доближува до грчкото сценарио и затоа ги повика СДСМ, ДУИ и ДПА, да се повлечат од преговорите за излез од политичката криза, се додека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не ја поништи срамната одлука за издавање на еврообврзница од 650 милиони евра.

-ЛДП не ја гледа смислата на продолжување на преговорите доколку на Груевски му остават на располагање 650 милиони евра пред изборите што следуваат. Нема фер избори во ситуација во која власта со позајмени пари сака да купува гласови. Во вакви услови уште еднаш се потврдува дека изборите кога и да се одржат, би биле беспредметни.

meta.mk