Вести Македонија

ЛДП: Политичките партии настрана од ДИК

Сподели:

Политичките партии, учесници во изборниот процес да престанат со вршење притисоци врз работата на Државната изборна комисија, порача денеска Либерално-демократската партија, додавајќи дека е неприфатливо какво било мешање во работите на ДИК, па ни најмала интервенција врз процедурите на нејзиното одлучување.

„Членовите на ДИК да не потклекнуваат на политичкото влијание и на притисоците,  да не потклекнуваат на пресијата од повикот на одредени партии за протести пред нејзиното седиште додека одлучуваат за крајните резултати од предвремените парламентарни избори. Ако фактичката состојба потврди дека треба да се прегласува во одредени изборни единици, тоа не смее да биде повод за деструктивно однесување на која било од политичките партии“, стои во соопштението од ЛДП.

Од партијата наведуваат дека ЛДП се залага за фер и демократски избори и однапред го осудува секој обид за какво било влијание врз одлуките на ДИК.

„Во оваа држава мора да се врати владеењето на правото и почитувањето на законите. Апелираме до сите засегнати страни да се воздржат од избрзани и непромислени постапки и да ги почитуваат основните принципи на демократијата и на европските вредности“, велат од ЛДП.

Сподели: