Вести Македонија

Македонија денес издаде еврообврзница во вредност од 450 милиони евра

Сподели:

euro-money1-1200x545_c

Македонија денес ја издаде еврообврзницата во вредност од 450 милиони евра по купонска каматна стапка од 5.625 % годишно и рочност од 7 години, што се исклучително поволни услови со оглед на сложената политичката ситуација во земјата, соопшти Министерството за финансии.

„Доколку ги немаше злонамерните опструкции и попречувања од страна на опозицијата, со оглед на првично пројавениот огромен интерес од инвеститорите, каматната стапка ќе беше далеку поповолна, односно истата ќе беше дури под 5 % годишно, согласно очекувањата на меѓународните инвестициски аналитичари. Цената за ова неодговорно однесување на опозицијата за жал ќе ја платат сите граѓани на Република Македонија“, стои во соопштението.

Според Министерството за финансии успешното издавање на еврообрзницата е верификација на добро спроведениот процес во исклучително неповолен и тежок политички амбиент.

„Средствата од еврообврзницата ќе се користат за буџетски потреби во фискалните 2016 и 2017 година, како и за отплата на долгови кои доспеваат. Владиниот тим успеа да ги обезбеди неопходните средства значајни за одржување на макроекономската стабилност и развојниот тренд на македонската економија“, стои во дописот.

Од Министерство за финансии истакнуваат дека постапката за издавање на еврообврзницата се одвивала согласно сите законски прописи и истата била усогласена со Министерството за правда, правните застапници на Владата на Република Македонија и правните застапници на конзорциумот на банки преку кои се издаде еврообврзницата.

Сподели: