Македонија ја усогласува заштитата на личните податоци со ЕУ

Сподели

Заштитата на личните податоци во Република Македонија треба да биде во согласност со новата директива на Европската Унија (ЕУ) за чување и пренос на личните податоци, со што земјава, која се стреми кон интеграција во ЕУ, има на располагање околу една година за да го усогласи своето законодавство со законодавството на ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).

За таа цел, во Скопје се одржа еднодневна конференција на којашто експертите од областа на заштитата на личните податоци, локални компании и државни институции ги претставија најдобрите решенија, со цел да се усогласат ИТ-системите со новата директива на ЕУ.

Како што велат експертите, за време на размената на податоци, компаниите и институциите често испраќат лични податоци, кои со новата регулатива ќе бидат заштитени од кражба.

Генералниот секретар на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Игор Кузевски, изјави дека дирекцијата работи на вградувањето на Директивата во националното законодавство, што наскоро ќе биде доставено за мислење во ЕУ, а по одобрувањето ќе биде испратено до владата на Република Македонија, а потоа ќе продолжи на седница на парламентот за одобрување.

„Она што досега го немаше во нашиот закон за заштита на лични податоци, се воведува, како проценката на влијанието на приватноста, потоа приватност според соодветен стандард, што значи ако досега требаше сами да правиме сетинзи за електронска обработка на податоците, отсега сите софтвери ќе треба да гарантираат соодветна заштита, а дали и колку ние, метафорички, ќе ги споделиме податоците ќе зависи пред се од нас, а сега е обратно“, рече Кузевски.

Даниел Димовски од компанијата „Nextsense“, која го организираше настанот заедно со уште неколку други компании за кои рече дека се лидери во областа на компјутерската безбедност, рече дека оваа конференција е важна бидејќи, како што напомена, компаниите и институциите за време на размената на информации често испраќаат лични податоци, кои со новата регулатива ќе бидат заштитени од кражба.

Давор Кодриња од компанијата „Symantec“, одговорна за Хрватска и Босна и Херцеговина, изјави дека регионот почна да се подготвува за новите прописи на Европската Унија, а во врска со таа тема се одржаа конференции во Србија, Хрватска и во Словенија.

„Луѓето започнаа да се интересираат околу автоматиката, да прават свои информациски системи за да можат што поедноставно, полесно да управуваат со податоците и истовремено да ги заштитуваат“, рече Кодриња.

Експертите велат дека регулативата бара технички решенија, коишто ќе помогнат во изготвувањето на законите за лични податоци, а за таа цел на конференцијата беа претставени повеќе решенија што се во согласност со регулативата на ЕУ, која ќе стапи во сила во мај 2018 година.