МАКЕДОНИЈА СО НОВ ПОЧЕСЕН КОНЗУЛАТ ВО БЕЛГИЈА

Сподели

konz

Република Македонија од вчера има нов Почесен конзулат во Кралството Белгија, јави дописникот на МИА од Антверпен.

Со свечена церемонија на која присуствуваа видни гости од општествено-политичкиот живот на Белгија, дипломати, амбасадори и успешни македонски граѓани што живеат во Кралството, заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски, заедно со градоначалникот на Антверпен, Барт де Вевер го отворија конзулатот во најголемиот бизнис-град во регионот Фландрија.

За почесен конзул на Република Македонија е именуван Рајес Леменс, млад претприемач со искуство во Европа, Блискиот Исток, Латинска Америка и Африка. Како што се наведува во официјалното соопштение на македонското МНР, Леменс ја започнал својата кариера во Народна Република Кина, а студирал право и меѓународни односи. Денес, тој зад себе има основано и менаџирано повеќе компании во градежништвото, тргување со недвижен имот, интернет-трговија, консултантски услуги итн.

Вицепремиерот Попоски, на свечената церемонија при отворањето соопшти дека Република Македонија го назначи Рајес Леменс за почесен конзул на нашата држава поради неговите успеси на економски план, како и поради придонесот што досега го дал во промоција на Македонија пред белгиската бизнис-заедница.

Честитајќи го отворањето на Почесниот конзулат и одличниот избор на местото каде се наоѓа, а тоа е на „Гроте Маркт“ на плоштадот во центарот на Антверпен, градоначалникот на овој град Де Вевер, кој е и претседател на најголемата политичка партија во Белгија – „Н-ВА“, порача дека освен на локацијата е горд и на времето кога се отвора овој конзулат, бидјеќи, според него, тоа се случува на 25-годишнината од независноста на Република Македонија, како што ја ословуваше нашата земја овој најпопуларен белгиски политичар.

Пред чинот на отворање на Почесниот конзулат, во Антверпен беше организирана и бизнис-презентација на можностите што ги нуди Република Македонија пред белгиски бизнисмени од повеќе сектори.