„Македонски телеком“: Навремено одговоривме на барањата на СЈО, отворени сме за соработка

Сподели

telekom

„Македонски телеком“ извести дека согласно Законот за електронски комуникации и Законот за следење на комуникации има законска обврска да набави опрема за следење на комуникациите и да ја стави на располагање на Министерството за внатрешни работи, при што нема контрола, ниту можност за користење на истата.

Ова се вели во соопштението на компанијата по реакцијата на социјалните мрежи, дека токму „Македонски телеком“ е компанијата која не ги доставила бараните податоци за телефонските броеви кои биле прислушувани, а за кои Специјалното јавно обвинителство отвори нова истрага „Таргет“.

Обвинителката Ленче Ристоска при презентирање на новата истрага на 18 ноември истакна дека побарале од Судот да издаде судски наредби за да можат да прибават докази и од телекомуникацискиот оператор од кој не успеале да ги добијат, но не наведе за која компанија станува збор.

„Најодговорно тврдиме дека навремено сме обезбедиле одговори на сите барања од Специјалното јавно обвинителство и остануваме отворени за понатамошна соработка со надлежните органи. „Македонски телеком“ е компанија која работи според законите, во интерес на граѓаните и своите корисници“, велат од компанијата.

meta.mk