Вести Македонија

МАНИФЕСТАЦИЈА „НОВ КУЛТУРЕН БРАН“ 2017

Сподели:

Со цел да се обезбеди деметрополизација, деконцентрација на културата, истата да се дисперзира во локалните средини, да се збогати, омасови, интензивира, динамизира и раздвижи културната понуда, од крајот на август до почетокот на октомври 2017 г (или до исцрпување на средствата) Министерството за култура ќе ја  реализира манифестацијата „Нов културен бран“.

Наместо како што беше конципирана претходно додека се нарекуваше „Топол културен бран“, кога општините се јавуваа како единствени организатори и апликанти на конкурсот на манифестацијата, интенцијата е да се поттикне и активира независната културна  сцена, а за остварување на ваквите заложби, право за учество и конкурирање со проекти за манифестацијата ќе имаат здруженија на граѓани, асоцијации, фондации и поединци од областа на културата кои треба да имаат квалитетна, естетизирано профилирана и вредносно издржана понуда. На тој начин ќе се воспостави и конкурентност, раздвижување и вдахнување на нови и свежи импулси во осмислувањето и унапредувањето на дејноста во целина.

Идејата е да се поттикне значењето на граѓанскиот сектор преку делувањето на невладините организации, здруженија и асоцијации од областа на културата, за кои се смета дека можат да внесат „посвежи“ идеи и поиновативни пристапи во креирањето на културната понуда, во пософистициран и естетизиран пристап во конципирањето на проекти кои се во слух со времето. Отстапувањето „простор“ за нив ќе ја покаже желбата и отвореноста за поинаков, слободен пристап до создавањето и презентирањето на културниот и уметничкиот „продукт“, а  можноста за паралелни случувања ќе ја надополнуваат официјалната, институционална форма на делување.

Преку проектот, Министерството за културата  ќе настојува да обезбеди „култура до сите и за сите“. Освен во установите од областа на културата, локациите на одржување на културните и уметничките содржини ќе бидат користени и други јавни и алтернативни простори, дури и нефункционални, руинирани објекти или простори кои можат да се „оживеат“ и да се „рестартираат“ како уметничка сцена.

Осврнувајќи се на обемот и карактерот на настани кои беа реализирани во претходните години, ќе се констатира дека се организирани стотина настани од разни области на творештвото. Притоа, забележливи се содржини кои повеќе припаѓаат на „естрадата“, а за кои нема да има место во годишнава сесија на манифестацијата, чија цел не е естрадизација на културата, туку поддршка на вистинските и современи културни и уметнички изрази и вредности.

Во областа на музичко – сценската дејност, би се поддржале настани со разновидна жанровска содржина и тоа и од класичната и од фолклорната провиниенција, при што од самиот карактер на настаните ќе треба да се избира и локацијата на одржувањето (камерни, хорски или солистички концерти, настапи на фолклорни ансамбли, пејачки групи, изворни оркестри, рок, џез, гаражни бендови и сл.)

Во рамките на театарската дејност, би било пожелно за изведба да се понудат претстави кои се адаптибилни за отворен простор, пред се со малубројна актерска екипа и неоптоварени со гломазна сценографија и техника. Таквите претстави, со својата мобилност како адут, би можеле да гостуваат на повеќе места.

Ликовната дејност, освен преку вообичаени претставувања на самостојно или групно творештво, би била застапена преку разновидни уметнички делувања, во урбан и природен простор, преку интервенции, акции, хепенинзи и други креативни „вон-уметнички“ форми на делување. Интересен пристап би можел да биде и своевидното естетско преобликување на некои руинирани урбани делови и објекти, на кои ќе им се даде ново уметничко видување и смисла.

Од областа на литературата, интересен би бил пристапот на симбиоза на книжевниот и поесткиот збор со други видови уметнички изрази, на локации од каде што силно ќе рефлектира „ехото“ на пишаниот збор  (Кокино, Матка на пример).

Предност при изборот на проекти би имале мали мобилни содржини, кои би биле реализирани барем во неколку регионални и локални средини.

Сподели: