Вести Македонија

МАНУ ја одбележа 100-годишнината од раѓањето на Киро Глигоров

Сподели:

Во организација на Дипломатскиот клуб – Скопје, во Македонската акамедија на науките и уметностите (МАНУ) се одржа научна конференција насловена „Улогата на претседателот Киро Глигоров во меѓународното етаблирање на Република Македонија“, на којашто научници од различни земји зборуваа за делата на првиот претседател на независна Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

Конференцијата поддржана од страна на МАНУ беше организирана по повод 100-годишнината од раѓањето на првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров. Претседателот на МАНУ, Таки Фити, во своето обраќање пред присутните истакна дека Киро Глигоров е меѓу најзначајните личности во историјата на Република Македонија.

„Киро Глигоров од рана младост активно партиципира во напредното македонско студентско движење; дека неговото вкупно интелектуелно и револуционерно дејствување во периодот до завршувањето на Втората светска војна беше проткаено со нагласен патриотизам и посветеност на идеалите на македонскиот народ за самостојна држава, и дека по распадот на СФРЈ Глигоров вложи огромен напор и даде особен продонес во борбата за етаблирање на РМ како независна и суверена земја и за признавање на нејзиниот меѓународен субјективитет“, вели Фити.

Од друга страна, претседателот на Дипломатскиот клуб – Скопје, Данчо Марковски, зборувајќи за делата на Киро Глигоров за доброто на Македонија, нагласи дека целта на конференцијата е да се реафирмира периодот на првата декада од независноста на Македонија и историската улога на претседателот Глигоров во етаблирањето/ позиционирањето на Македонија во меѓународниот свет.

„Да се потсетиме на неговите мирољубиви принципи и дипломатски вештини коишто ни овозможија да ги избегнеме мизеријата и страдањата што во виорот на војната, која беснееше околу нас, ги носеше“, истакна Марковски.

Инаку, Киро Глигоров е првиот претседател на независна Република Македонија, кој два мандата ја вршеше претседателската функција. За претседател на Република Македонија беше избран на 27 јануари 1991 година од страна на Собранието на РМ, а по вторпат на 19 ноември 1994 година, на претседателските избори, функција што ја вршеше до 19 ноември 1999 година.

Во 1991 година ја предводеше Македонија, која по мирен пат стана независна од поранешната Југославија, каде што Глигоров вршеше високи државни функции. Тој е роден на 3 мај 1917 година, а почина во 2012 година, на 94-годишна возраст.

Сподели: