Мијалков и во „Тортура“ се повика на амнестијата од Иванов

Сподели

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, првообвинет во предметот на СЈО „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски, како и останатите пет обвинети полициски „алфи“, се повикаа денеска на амнестијата што им ја даде претседателот Ѓорге Иванов.

Со амнестијата не е опфатен само обвинетиот Јован Боцевски, кого Иванов не го ставил списокот за спасување на осомничени за криминал од тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ. На 19 јуни, Мијалков се повика на амнестијата на Иванов на судењето за предметот на СЈО „Тврдина-Таргет“.

По година дена од поднесувањето на обвинение, почна судењето на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, на бившиот командант на полициските „Алфи“ Ивица Антевски – Пуки и на уште петмина припадници за оваа единица за мачење и изживување врз Љубе Бошкоски.

На 6 јуни 2011 година, ден по парламентарните избори, Бошкоски беше апсен во Скопје од обвинетите Антевски, Новица Станковски, Филип Атанасов, Петар Милошевски, Јован Боцевски и Метуш Шабани, под сомнение дека злоупотребил финансиски средства за изборна кампања. СЈО вели во обвинението дека апсењето со кое му е нанесена душевна и физичка болка, страдање, срам и понижување било по нарачка на Мијалков поради дискриминација по основ на поинаква политичка определба.

Во „Тортура“ сите се обвинети за „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“.

meta.mk