Министерство за економија објави оглас за субвенција од 15.000 денари за годишен одмор за работници со ниски примања

Сподели

Објавен е јавниот повик на кој за субвенција од 15.000 денари за годишен одмор можат да се пријават работниците со ниски примања, соопшти Министерството за економија.

Огласот ќе трае до 29. септември, а може да аплицираат работници чии примања во семејството не надминуваат нето приходи од 22 илјади денари. Одморот треба да трае пет дена и тоа во некој од туристичките центри во земјата.

„Министерството за економија за оваа мерка обезбеди 60 милиони денари за споменатата категорија работници, со кои 4000 семејства ќе бидат субвенционирани во вредност од по 15 илјади денари, поточно ќе им биде издадена Потврда за користење на средства за организиран одмор за работници со ниски приходи во споменатата вредност, која ќе се користи во еден од категоризираните угостителски објекти за сместување во Република Македонија кои ќе се пријават во Министерството за економија, стои во соопштението.

Право за добивање на Потврда за одмор имаат сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 22.000 денари. Притоа, едно лице може да поднесе само едно барање за пријавување на интерес за користење на средства за организиран одмор, а потврдата за користење на средства за организиран одмор се издава по принципот „прв дојден прв услужен“.