Вести Македонија Ударни вести

Министерство за здравство: Легализиран абортусот со таблети

Абортусот со таблети законски ќе им биде достапен на жените во Македонија. Со измените на законското решение што го подготвува експертска група во Министерството за здравство, прекинот на бременоста може да биде и со лекови, наместо со хируршка интервенција.

Гинеколози велат дека оваа терапија е корисна и за други ургентни состојби во акушерството, но  досега не била регистрирана во Македонија. Министерот за здравство во изјава за Сител вели дека има легално решение како да им биде достапна на лекарите.

-Да имаат уште едно право на избор, секкао во консултација со гинеколог. Ќе најдеме начини како тој лек да е достапен ако не преку регистрација, тогаш постојат други алтернативни решенија со кои може да го има во земјата, вели Венко Филипче.

Со новите законски измени до 12.недела од бременоста, жената која сака да абортира нема да оди на комисии, на советувања и да чека 5 работни дена за да размисли. Оваа недела членовите на комисијата треба само да ги испеглаат различните ставови за абортусот од 12. до 22 гестациска недела.

-И тогаш ќе биде волјата на жената на прво место. Нема да има комисија која одлучува како досега, но по барање на гинеколозите ќе има еден вид советодавно тело бидејќи на лекарот му треба и второ мислење, вели министерот Филипче.

После 22. недела од бременоста, ќе има комисија од лекари од различни области кои на жената треба да и укажат на сите слабости и предности доколку плодот е со аномалии.

Министерот Филипче вели дека прават европски и либерален закон кој е во интерес на жените. Сегашното законско решение беше донесено пред 5 години по скратена постапка и предизвика бурни реакции во јавноста и протести од невладини организации.

Сподели: