Вести Македонија Ударни вести

Министерство за здравство: Предлог буџет за 2019 година- креиран според потребите на грѓаните

Сподели:

Министерот за здравство Доц. д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција го образложи предлог буџетот за 2019 година, кој е креиран според потребите на граѓаните. Буџетот ќе изнесува 6,3 милијарди денари и зголемен е за 300 милиони денари, во споредба со буџетот од 2018 година.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на министерот Филипче во целост:

После овогодинешното зголемување на платите за сите 19.123 здравствени работници за 5%, обезбедување надоместок на приватните специјализанти за нивниот труд и работа, како и зголемување на дежурствата, ноќниот труд и дополнителната работа, сакам да потенцирам дека и следната година ќе ја почнеме со зголемување на платите во јавното здравство. Од јануари 2019 година ќе следи дополнително покачување на платите за 10 отсто за докторите специјалисти и 5 отсто за медицинските сестри. За сите останати здравствени работници покачувањето на платите ќе се реализира од септември 2019 година. Зголемувањето на платите е реализација на уште една точка од Програмата за работа на Владата.

Со новиот предлог буџет за 2019 година, Министерството за здравство значително ќе ги подобри здравствените услови и услуги за лекување на пациентите. Со реконструкција и изградба на нови јавно-здравствени установи ќе се подобрат условите за работа и ќе се подигне квалитетот на функционирање на установите. Предвидени капитални инфраструктурни проекти за 2019 година се:

  • Завршување на градежните активности на реконструкција на „св. Еразмо“ – Охрид;
  • Продолжување со градежни активности во општа болница -Струмица;
  • Завршување на градежни активности „Бункер за линеарен акцелератор„ ЈЗУ „8 Септември“ – Скопје;
  • Започнување со активности за изградба на нова болница во Струга;
  • Започнување со активности за Нова градска болница во Скопје;
  • Започнување со реконструкција и адаптација на КАРИЛ;
  • Изградба на амбуланти во рурални средини;
  • Изградба на Центар за цистична фиброза и Центар за палијативна нега и лекување во Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле;
  • Изградба на центар за палијативна нега и лекување во општата болница – Кавадарци;
  • Изградба на втора фаза на болницата во Кичево, со што Кичево ќе добие современа болница по највисоки здравствени стандарди и ќе прерасне во регионален центар за здравствена заштита.

Со средствата предвидени за изградба на новите Клинички центри во Скопје и во Штип, во висина од 587.375.000 денари, ќе продолжи изградбата на новата клиничка болница во Штип и ќе почнат припремни работи за планирање на новиот Универзитетски Клинички Центар во Скопје. Дел од овие средства ќе се користат и за интервентни градежни активности по потреба во комплексот Клинички Центар „Мајка Тереза“ за оддржување на комплексот во периодот додека не се изгради новиот Клинички центар, како што е прошрување на влезови, пробивање нови улици и катни гаражи.

Во буџетот за 2019 година предвидени се 73 милиони денари кредитни средства од Италијанската Влада. Со овие средства во 2019 година ќе биде набавена опрема за јавните-здравствени установи во Македонија. Дополнително, предвидени се 266.000.000 денари за набавка на нова медицинска опрема со кои се воведуваат современи методи на дијагностицирање на болестите и поефикасно лекување на пациентите.

Во предлог буџетот за 2019 година предвидени се средства за превентивни програми, а за првпат се предвидени средства за лекување на лимфангиомите, вродени бенигни тумори од васкуларно потекло кои може да го загрозат животот на детето поради притисок на големите крвни садови и нарушена функција на виталните органи. Во програмата за превенција од кардиоваскуларни болести во висина од 33.700.000 денари се предвидува и ангажирање на странски хирурзи кои ќе вршат хируршка интервенција, а воедно и едукација и обучување на нашиот кадар.

Особено значајно зголемувањето во буџетот, 156 милиони денари предвидени се за програмата за лекување на ретки болести. Министерството за здравство со средства во висина од 380.000.000 денари, набавува лекови со кои се третираат повеќе од 20 ретки болести. Во 2018 година за прв пат беа набавени три нови лекови од кои два се однесуваат за болести за кои досега не се набавуваше терапија (амилоидна мускулна невропатија и апластична анемија), додека третиот лек е нов лек кој се користи за лекување на пациенти со болеста Гоше, како нов вид на терапија. Во 2019 година започнуваме со набавка на лекот спинраза.

Имунизацијата ни останува приоритет и во 2019 година и буџетот за неа е зголемен за 30 отсто. Со програмата за задолжителна имунизација се обезбедуваат вакцини за континуирана имунизација и вакцини на населението во висина од 294.000.000 денари. Во буџетот за 2019 година во оваа програма се предвидени средства за набавка на две нови вакцини пнеумокок и против рота вирус, преминување од орална полио во инактивна полио ваккцина. Исто така, предвидена е и набавка на вакцини против сезонски грип за лица над 65 години, приматели на просечна пензија, подпросечна и лица кои не примаат пензија.

Во предлог буџетот за 2019 година имаме обезбедени средства и за болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во РМ во висина од 123.000.000 денари. Во оваа програма имаме обезбедно дополнителни средства и од јануари 2019 година ослободуваме од партиципација дополнителна категорија на граѓани. Во 2018 година од плаќање на партиципација беа ослободени лицата до 18 годишна возраст, чии родители примаат социјална парична помош, а од 2019 година ќе бидат ослободени и лицата приматели на социјална парична помош.

Понатаму, обезбедуваме инсулини во висина од 692.000.000 денари, ги развиваме превентивните програми и имаме предвидена едукација на лекари и медицински персонал во висина од 40.000.000 денари. За прв пат во 2019 година се предвидени средства за подобрување на квалитетот на работата на Центарот за цистична фиброза во РМ во состав на Институт за белодробни заболувања Козле во Скопје.

2019 година ја одбележува зголемувањето на нашиот буџет, а стратешки цели ни се набавката на инсулин, вакцини и лекови за ретки болести. И во следната година продолжуваме напорно да работиме на подобрување на условите и услугите за лекување и подигнување на квалитетот на здравствена заштита на европско ниво.

Сподели: