Министерство за здравство: Усвоен новиот Предлог-закон за абортус

Сподели

На денешната 117-та седница, Владата на Република Македонија го прифати и усвои новиот Предлог-закон за прекинување на бременоста, кој ќе биде доставен во Собранието на РМ. Законот е подготвен од Министерството за здравство.

Со измените на Предлог-законот, се остварува правото на жената за безбеден прекин на бременоста и укинување на постојните административни процедури-бариери кои го одолговлекуваа спроведувањето на постапката за прекин на бременоста, соопштуваат од министерството.

„Со новиот Предлог-закон, на жената ќе и бидат овозможени комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата. Одлуката за прекин на бременоста, пациентката има можност да ја донесе свесно, без принуда од било кого, врз основа на објективни информации поврзани со интервенцијата, со посебна медицинска интервенција за која слободно одлучува бремената жена. Веќе нема да имаат потреба да чекаат три дена посоветувањето за да биде спроведена интервенцијата, нема да биде принудена да објаснува зошто сака да ја прекине бременоста и никој друг нема да решава прекинот на бременоста. Правото на жената за прекинување на бременоста е само нејзин избор.

Новиот Закон предвидува прекинувањето на бременоста да може да се изврши до истекување на дванаесеттата гестациска недела со писмена согласност од бремената жена. Ако бремената жена е малолетна или и е одземена деловната способност, прекинувањето на бременоста може да се изврши со писмена согласност од родителот, односно старателот на бремената жена

Бременоста може да се изврши врз основа на медицински индикации со кои ќе се утврди дека бременоста претставува опасност по животот или ќе доведе до тешко нарушување на здравјето на жената за време на бременоста, породувањето или попородувањето.

Во постапката за одобрување и вршење на прекинување на бременоста се обезбедува почитување на достоинството на бремената жена, на правата на приватност, информираност, прифаќање и одбивање на медицинска интервенција и информација, доверливост на личните и медицинските податоци согласно прописите од областа на заштитата на правата на пациентите и на здравствената заштита.

Пред зафатот за прекин на бременоста лекарот е должен да ја информира жената за постапката за прекинување на бременост, што може да се очекува за време на прекинувањето на бременоста и по завршувањето на постапката, за методите на контрацепција пред и по спроведувањето на прекинување на бременоста на начин разбирлив за жената за да може да донесе одлука и да даде изјава за согласност. Предлог законот за прекинување на бременоста се заснова на начелата на слободно одлучување за раѓањето и бројот на децата, достапност до советување, информираност, приватност и доверливост, достапност на безбедна и квалитетна интервенција и примена на препорачаните методи на прекин на бременоста.

Во Законот се уредува постапка за одобрување на прекинување на бременоста без дополнителни административни процедури за да не ограничува пристапот до и спроведување на постапката за безбеден прекин на бременоста. Со промената на законот ќе се укинат постојните процедури и бариери.

Овој закон предвидува се правото на жената за безбеден аборус, и и се дава право на жената соодветно да одлучи за прекинување на бременоста до 22 гестациска недела, а не како до сега до 12 недела.

Одлуката за прекин на бременоста е право на жената и тоа никој не може да и го одземе. Волјата на жената е на прво место“, стои во соопштението од Министерството за здравство.