Вести Македонија Ударни вести

Министрите Спасовски и Хојс потпишаа имплементациски протокол за борба против трговијата со луѓе

Сподели:

 

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и министерот за внатрешни работи на Република Словенија, Алеш Хојс, потпишаа Имплементациски протокол помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Словенија за борбата против трговијата со луѓе.

 

Овој билатерален документ е еден од повеќето што во изминатиот период беа потпишани, чијашто примарна цел  ќе биде соработката во превенцијата на трговија со луѓе и сите форми на злоупотреба на деца. Со овој Имплементациски протокол се предвидува и спроведување на заеднички проекти за подигнување на свеста на јавноста за превенција во областа на сузбивање на трговијата со луѓе.

По вчерашното заедничко одбележување на 30 годишнината  од воспоставувањето на  дипломатските  односи меѓу Република Северна Македонија и Република Словенија, со симболично „Засадување  на најстарата словенечка винова лоза“, покажувајќи ја уште еднаш меѓусебната посветеност за соработка и блискоста на двата пријателски народи, денеска министерот Спасовски со словенечкиот колега Хојс, оствари и работна средба на којашто беше разговарано за низа теми од заеднички интерес. Притоа, заеднички беше оценета досегашната извонредна соработка меѓу двете министерства, со големи перспективи за нејзино продлабочување.

На средбата беше  посветено и должно  внимание и на проблематиката со илегалната миграција, дотолку повеќе што на ова поле уште од 2016 година наваму со словенечката полиција имаме суштинска, конкретна соработка на словенечки полициски службеници заедно со нашите полициски службеници во делот на  обезбедувањето на јужната граница и заедничко дејствување во откривањето и спречувањето на илегална миграција.

Министерот Спасовски истакна дека како и во изминатите години, ефикасното управување со границите и миграциите и спречувањето на илегалната миграција долж таканаречената „Западнобалканска рута„ останува како еден од главните приоритети на Министерството за внатрешни работи, притоа нагласи дека граничното управување во голем степен е усогласено со европските стандарди во делот на граничната безбедност.

Од страна на словенечкиот министер за внатрешни работи, Алеш Хојс, беше пренесена целосната поддршка и помош од Словенија за нашиот реформски пат кон целосно интегрирање во ЕУ, а беше повторена и заедничката заложба за поддршка и соработка во областите на заеднички обуки, борбата против трговијата со луѓе и злоупотреба на деца кои се жртви на трговија со луѓе, како и за соработка во подобрување на капацитетите за управување со границите и миграциитe.

 

“Словенија е токму една од оние земји кои 30 години ја поддржуваат Република Северна Македонија на нејзиниот европски пат, една од земјите кои навистина работат на тоа да се зачлените во ЕУ и гласно зборуваме во европските институции за тоа. Потпишувањето на овој Имплементацискиот протокол за борбата против трговија со луѓе е само надоградба на една исклучителна соработка на два народи кои постојано покажуваат дека можеме да живееме во соживот, да разменуваме трговски добра, да живееме братски. Во однос на соработката на подрачјето на Министерствата за внатрешни работи, таа соработка е одлична, а вашите информации кои ги добиваме со размена на податоци, не се само важни за нас, туку и за целата ЕУ. Благодарност за сѐ  што направивте во текот на првиот мигрантски бран во 2016-2017 година.”

Министерот Спасовски изрази благодарност за постојаниот придонес на МВР на Република Словенија за испраќањето  полициски  службеници кои учествуваат во Заедничката операција за засилен надзор на јужната граница, што значително придонесува во зајакнување на капацитетите на нашата гранична полиција и истовремено придонесува во борбата против илегалната миграција, поддршка што со согласност на Република Словенија е продолжена до крајот на февруари следната година.

 

„Можам да пренесам само пофални зборови за соработката со словенечките колеги, кои се присутни на нашата јужна граница и кои преку своето искуство, знаење и европски практики на работење, придонесуваат кон развивање на капацитетите на македонската гранична полиција, со што на некој начин се унифицира работењето на граничните полиции во Европа. И словенечкото МВР идентично како и Владата на Република Словенија ја дава својата целосна поддршка и помош на нашиот реформски пат кон целосно интегрирање во Европската унија. Во крајна линија заедничките интереси, но и заедничките вредности и цели кон кои се стремиме се дополнителен мотив за плодна и квалитетна натамошна соработка на двете министерства”, заврши министерот Спасовски, нагласувајќи дека генерално и оваа средба покажа дека пред нас има и тоа како широк спектар од можности и безбедносни сегменти за партнерско делување, а особено е важно што постои јасна недвосмислена волја таквата соработка успешно да продолжи и во наредниот период.

Сподели: