Мирослав Богдановски: Да се покаже доволно политичка волја за сериозен третман на Инспекторатот

Сподели

На денешната прес-конференција директорот, Мирослав Богдановски, најави дека Државниот инспекторат за животна средина отсега натаму ќе работи според принципите на отвореност, достапност, ефикасност, отчетност.

„-Наша цел е да обезбедиме почитување на законите кои ја регулираат заштитата на животната средина од страна на СИТЕ правни и физички лица. Сакам да напоменам дека најголем дел вработените во Инспекторатот со својата професионалност и ентузијазам се подготвени да придонесат за нејзино реализирање”, нагласи Богдановски.

Тој изрази жалење дека досега немало доволно политичка волја за сериозен третман на Инспекторатот. На тоа укажува и податокот дека од вкупно 14 државни инспекторати, Државниот инспекторат за животна средина се наоѓа на претпоследното место со годишен буџет од 240.000 евра. Од оваа сума 204.000 се наменети за плати за вработените, а со останатите само 30.000 евра треба да ги извршува сите задачи на територија на целата држава, што практично е НЕВОЗМОЖНО! Инспекторатот во моментов има заостанат долг од околу 1.000.000 денари, што претставува сериозна пречка за нормално функционирање, поради што се блокирани дури и телефонските врски, рече директорот Богдановски на прес-конференцијата.

-|Сакам да Ве информирам, рече тој, дека од вкупно 20 вработени во Инспекторатот, само 16 се инспектори и тие работат на целата територија на Република Македонија, кои притоа ги покриваат прашањата со загадувањето на воздухот, на почвата и на водите вклучително и отпадот. Нив во западниот дел на земјата ги има вкупно шест, во југоисточниот, исто така, шест и во Скопје се четворица инспектори. Очигледна е потребата за зголемување на бројот на инспектори како и потребата од доекипирање со други стручни и технички лица. ”

Богдановски очекува во буџетот за 2018 година да бидат издвоени финансиски средства за нормално функционирање на Инспекторатот. Под ова се подразбира и набавка на мобилни современи мерни инструменти, со што прецизно ќе се лоцира изворот и видот на загадувањето.