МНР го испитува случајот со амбасадорот Васко Наумовски

Сподели

Во Министерството за надворешни работи во тек е постапка за расчистување на случајот со амбасадорот на Македонија во САД, Васко Наумовски кој неодамна за време на посетата на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска на САД, воопшто не стапил во контакт со делегацијата, ниту пак се појавил на некоја од средбите, објави МКД.мк.

-Амбасадата на Македонија во Вашингтон беше информирана за посетата на вицепремиерката и министерката за одбрана Радмила Шекеринска на САД. Амбасадорот Васко Наумовски не ја пречека, ниту пак ја испрати делегацијата од МО, воопшто не стапи во контакт со делегацијата, ниту пак изрази каков било интерес за текот на посетата. Недозволиво е за вака исклучително значајна посета, без разлика дали бил формално предвиден во нацрт–програмата на Министерството за одбрана, амбасадорот да не се појави – се вели во одговорот на МНР на прашањата на МКД.мк.

Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска по враќањето од Вашингтон за ТВ Телма изјави дека амбасадорот на Македонија во САД, Васко Наумовски ниту ја пречекал ниту ја испратил по нејзината посета и средбите со највисоки функционери во Пентагон и во Стејт департментот.

 -Се согласувам дека е скандалозно да нема интерес да биде на тие средби, кои по цели 6 години повторно се на највисок ранг – рече Шеќеринска.

Таа смета дека е сосема легитимно правото на амбасадорот да биде со друго политичко убедување, но не го разбира потегот на Наумовски да постапува така кога се во прашање државни работи.

 

„Ако му пречи актуелната власт, како не му пречи секој први во месецот да си ја земе платата и да седи во Вашингтон?“, рече Шекеринска.