Вести Македонија Ударни вести

МНР изразува жалење за случувањето на вчерашната прес конференција

Сподели:

Во врска со наводите што се појавија во некои медиуми, а се однесуваат на службата за односи со јавност при МНР на последната прес конференција на МНР, би сакале да ја информираме јавноста со следните информации.

Владата на Република Македонија и МНР постојано инсистираат на фер, транспарентен и партнерски однос со медиумите. Континуирано работиме на тоа да ги унапредуваме односите со новинарите и со јавноста и искуствата покажуваат дека за кусо време сме успеале да создадеме атмосфера на доверба, отвореност и пријатна работна атмосфера за новинарите во МНР.

Сепак, понекогаш околностите се такви што на прес конференциите во МНР, особено кога има меѓународни претставници каде нивната агенда го ограничува времето на настанот, објективно немаме можност да обезбедиме простор сите прашања да се постават на лице место. Во такви случаи праксата налага балансиран пристап меѓу меѓународните и домашните медиуми, имајќи предвид дека тие ја имаат само таа можност за прашање, а за домашните медиуми сме достапни во секое време.

Вработените во службата за односи со јавност се задолжени за водење на прес конференциите, што понекогаш подразбира адекватно одредување приоритет на редоследот на прашањата согласно праксата на МНР. Жалиме доколку тоа понекогаш предизвикува непријатности за домашните редакции, а особено се извинуваме што за време на последната прес конференција, некој од вработените во службата за односи со јавност постапил несоодветно и предизвикал новинар да се чувствува непријатно при вршењето на своите задачи. Тоа не е наша намера, напротив, сакаме новинарите да го чувствуваат МНР како институција – партнер, која ги обезбедува најсоодветните услови за нивна работа. Во конкретниот случај,  новинарот од редакцијата постави прашање на кое што му беше одговорено, при тоа, земајќи збор на новинар од странски медиум кој што веќе поставуваше прашање, што во секој случај не е оправдување за нашата грешка.

Уште во текот на истиот ден, Кабинетот на МНР се обрати до главниот и одговорен уредник на редакцијата, при што беше пренесено извинување во име на Министерството.

По првичните сознанија од вчерашниот прес, во моментов ја разгледуваме можноста да го ревидираме системот на давање збор на прес конференциите, во насока на овозможување поефикасно искористување на времето посветено за прашања. Во комуникација сме со редакцијата како и релевантните новинарски здруженија, со кои работиме на тоа да овозможиме уште подобра работна атмосфера. Тоа е процес во кој сите предлози се добредојдени и бараат професионализам и посветеност од сите засегнати страни. Ние остануваме посветени на принципите на партнерство и отвореност со медиумите. Се гледаме на наредната прес конференција.

Сподели: