МОН: Зголемена поддршката за образованието на децата и младите Роми – 40 образовни медијатори

Сподели

 

Оваа учебна година Министерството за образование и наука ангажира 40 ромски образовни медијатори кои ќе обезбедат дополнителна поддршка за учениците во основните училишта во општините со поголем број ученици од ромската етничка заедница. Нивната улога е да помогнат во подобрувањето на информираноста за можностите и пристапот до училишта, да имаат редовни средби со населението и вработените во основното училиште поврзани со образовните специфики и потреби на оваа ранлива група, редовно да соработуваат со стручните соработници и наставниците за подобрување на постигнувањата на учениците, како и да преземаат активности за намалување на напуштањето на воспитно-образовниот процес. Медијаторите работат и со учениците и со наставниците, но и соработуваат со родителите односно старателите и локалните самоуправи, граѓанскиот сектор и други институции и организации, со цел да им помогнат на децата успешно да го завршат основното образование.

 

 

Министерството за образование и наука обезбедува финансиска поддршка на образованието на децата и младите Роми преку финансирање на имплементацијата на Националната стратегија за Роми и оваа поддршка постојано расте. Во 2018 година беа обезбедени средства за ангажирање на 20 ромски образовни медијатори, а во учебната 2022/2023 нивниот број е зголемен на 40.

За средношколците Роми, МОН обезбедува стипендии и нивниот број, исто така, од година во година се зголемува. За учебната 2022/2023 година обезбедени се 920 стипендии за средношколци Роми, што е за 50 повеќе од минатата учебна година.

 

 

Оваа академска година ќе бидат доделени и 135 стипендии за студенти Роми запишани на јавните и приватните високообразовни институции и универзитети во РСМ.