„Мост“: Се зголемува бројот на нерегуларности и прекршувања на изборниот процес

Сподели

Граѓанската асоцијација „Мост“ соопшти дека досега во текот на избирачкиот ден се забележани повеќе нерегулгарности во изборниот процес.

Од „Мост“ соопштуваат дека на гласачкото место 0473, општина Маврово и Ростуше, член на избирачкиот одбор ги евидентира гласачите кои гласаат во посебен список и истиот го предал на неовластено лице. На гласачкото место 0558, општина Центар Жупа, неовластено лице влегло во гласачкото место и се претставило како партиски набљудувач, но не поседувало акредитација, по што избирачкиот одбор го отстранил од гласачкото место. Лицето останало присутно пред вратата на гласачкото место и ги евидентира гласачите.

Според добиените потврдени информации на „Мост“, во ОУ „Јане Сандански“ во општина Центар во ходникот било присутно неовластено лице кое на гласачите од ромска националност им укажувало за кого да гласаат. По извесно време лицето бил отстрането од страна на избирачкиот одбор.

Во општина Кичево, пред гласачкото место 0740, присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот, додека пред други два објекти во истата општина, во кои се сместени шест гласачки места, присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот.

Пријави до „Мост“ за присуство на неовластени лица кои агитираат има и пред ОУ „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба, каде се сместени 11 гласачки места. Случај на агитирање е регистриран и на гласачкото место 2464, во општина Чучер-Сандево.

На гласачкото место 0845 во општина Кочани, како што соопштуваат од граѓанската организација, 12 гласачи јавно гласале со покажување на своите гласачки ливчиња.

„Случаи на фотографирање на гласачките ливчиња се забележани на гласачкото место 2561, општина Ѓорче Петров, каде не реагирал избирачкиот одбор и на гласачкото место 1644 во општина Ресен, каде што имало реакција од избирачкиот одбор и бил направен записник. Фотографирање на гласачкото ливче е забележано и на гласачкото место 1612, општина Конче, по што избирачкиот одбор го предупредил гласачот дека тоа е незаконски“, стои во соопштението.

Набљудувачите на „Мост“ пријавиле инцидент и на гласачкото место 0882, во општина Чешиново-Облешево. Таму активист на политичка партија, кој не бил овластен да присуствува на гласачкото место, не дозволил член на семјество да му помогне на гласачот и тоа го направил тој.

Во три случаи претседателот на избирачкиот одбор не дозволил придружбата да им помага на гласачите кои не можат да гласаат сами и тоа го направил самиот тој. Претседателот бил опоменат од членовите на избирачкиот одбор.

meta.mk